Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите ја известува јавноста дека се отворени шест нови истраги. Во овие истраги станува збор за основано сомнение за предизвикана финансиска штета на Буџетот на РМ во износ од речиси 80 милиони евра. Во продолжение накусо е објавена содржината од истрагите.
ПОДАРОК
Осомничените Зоран Ставрески, министер за финансии и Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски, со учество во дејствие на извршување заедно со осомничениот Крсте Миладинов, директор на Македонски енергетски ресурси АД Скопје, во периодот јануари 2012 – јули 2014 година, со умисла ја искористиле службената положба и овластување и за руската компанија ОАД Стројтрансгас од Москва прибавиле противправна имотна корист во износ 2.008.877.000,00 денари, односно близу 33 милиони евра, и во истиот износ нанеле штета на Буџетот на РМ.
Ставрески и Јанакиески биле овластени претставници за спроведување на Меѓувладината спогодба, склучена на 19 јуни 2010 година во Санкт Петерсбург меѓу Владите на РМ и Руската Федерација за регулирање на обврските на некогашниот СССР кон поранешната СФРЈ во делот на обврските кон Македонија.
Со спогодбата се регулира рускиот долг во износ од 60.560.242,44 американски долари да се затвори преку испорака на стоки, услуги и извршување на работи. Во преговорите, Ставрески и Јанакиески договориле таа сума да се затвори со изградба на магистрален гасовод, делница „Клечовце – Блок станица 5“ за вкупна сума од 75.700.303,05 американски долари, или 55.647.292,77 евра, при што Русија учествува со 80 отсто, а Македонија со 20 отсто.
Меѓутоа, претходно, по нарачка на Министерството за транспорт и врски била изготвена Физибилити студија за изградба на гасоводна делница Клечовце – Штип, која гасоводна делница е подолга за речиси 36 км во однос на претходно споменатиот договор за делницата „Клечовце- Блок станица 5“.
Согласно студијата цената на чинење на изградба на делницата би била помеѓу 30 и 35 милиони евра, така што осомничените Ставрески и Јанакиески биле наполно свесни дека реалната цена е многу пониска од онаа договорена со руската страна. Сепак, и покрај тоа Ставрески и Јанакиески целокупниот руски долг го затвориле со обезбедување на услуга – изградба на гасовод, во изведба на компанијата од Москва.
Така, на затворена владина седница, со присуство на осомничените министри, Владата донела заклучок да се прифати понудата на руската компанија и да се потпише конечен договор. Потоа, Собранието на РМ, го прифатил владиниот предлог и во скратена постапка донело закон за изградба на гасоводот, при што од пратениците биле сокриени фактите од Физибилити студијата, според кои, реалната цена на чинење е далеку пониска, или, само 378.626,37 евра (за еден километар гасовод ).
Во насока на склучување на договорот, осомничениот Крсте Миладинов, како директор на „Македонски енергетски ресурси“ ја прифатил нереално високата цена на услугата од договорот, иако бил запознат со Физибилити студијата, оттаму и со реалната цена на чинењето на изградбата на гасоводот, па на 9 јули 2014 во Скопје го склучил договорот со руската компанија, со што на оваа компанија ѝ е овозможена противправна имотна корист во износ од 32.664.672 евра и 11 центи, колку што е оштетен и буџетот на Република Македонија.
Со ова, постои основано сомнение дека осомничените Зоран Ставревски и Миле Јанакиески сториле по едно кривично дело Злопупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5 в.в. со став 3 и 1 в.в член 22 од КЗ на РМ, а осомничениот Крсте Миладинов сторил едно кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5 в.в. став 4, 3 и 1 в.в. со член 22 на РМ.
Со една реченица РМ фактички со свои средства си го платила гасоводот, бидејќи учествувала со 20 отсто во договорот, што отприлика е целокупната (реалната ) сума на чинење, а долгот на Русија спрема РМ, фактички останал “ подарок “ за Русија.
ПРОПАГАНДА
Со оваа наредба за спроведување на истрага опфатени се девет лица, и тоа: Никола Груевски, Кирил Божиновски, Ацо Мисајлоски, Емил Парнаџиски, Владислав Стајковиќ, Саше Стојановски, Елена Колишевска, Марјан Цветковски и Захарија Вулгаракис, поради основано сомнение за сторени кривични дела – злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластување.
Предмет на оваа истрага е влијанието врз јавното мислење и обезбедувањето контролиран проток на информации во средствата за јавно информирање на товар на буџетот на РМ, а во насока на поддршка на делувањето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Имено, постои основано сомнение дека осомничените девет лица формирале злосторничко здружение на чие чело бил осомничениот Никола Груевски кој, заедно со осомничените Кирил Божиновски и Ацо Мисајлоски создале група што имала за цел вршење на кривични дела против службената должност.
Делувањето на групата било во две насоки и тоа: преку распределба на средства од државниот буџет и преку преземање на локални телевизии и едно радио да се влијае на независноста на радиодифузерите при создавање на програмите и креирањето на уредувачката политика и да се влијае на содржината на програмата, така што во медиумскиот простор да доминираат идеите и активностите на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Имено, осомничениот Кирил Божиновски заедно со осомничениот Никола Груевски, спротивно на Законот за спречување на корупција и Законот за радиодифузна дејност доделувале договори за набавка на услуги – купување на термини за телевизиско и радио емитување или, реемитување на спотови, за различни кампањи на Владата, повластувајќи радиодифузери кај кои можеле да влијааат на уредувачката политика и кои обезбедувале услуги за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
За оваа цел во периодот од 2010 до 2015 година од Буџетот на РМ биле исплатени 30 милиони евра, од кои најголем процент завршиле кај радиодифузерите кои што ја поддржувале политиката и активностите на ВМРО-ДПМНЕ.
Воедно, делувајќи по планот на групата, осомничените Никола Груевски и Кирил Божиновски, помогнати од останатите осомничени лица припадници на групата, во насока на влијание на јавното мислење, спротивно на Законот за радиодифузија и Законот за спречување на корупција, организирале преземање и работење на седум локални телевизиски станици и едно радио, со што прибавиле значителна имотна корист за овие радиодифузери во вкупен износ од околу 5.250.000 евра.
Имено, осомничениот Никола Груевски донел одлука партијата ВМРО-ДПМНЕ да има учество во сопственоста и да ја организира и раководи уредувачката политика на седумте локални ТВ станици и едно радио, иако вакво нешто е спротивно на законите.
Осомничениот Кирил Божиновски, помогнат од другите осомничени припадници на групата го спровел преземањето на телевизиските станици и радиото и ја организирал нивната работа. Целокупното делување било во насока да се прикрие кој реално ја има сопственоста и контролата на медиумите, а самото финансирање на медиумите било од буџетски средства преку доделување на договори за услуги – купување на термини за телевизиско и радиско емитување на спотови на Владата на РМ. Воедно за финансирање на овие медиуми биле искористени буџетски средства и на индиректен начин, така што правни лица кои имале склучено договори за јавни набавки со државни органи учествувале во финансисрање на овие медиуми, а ваквиот начин на финансисрање бил овозможен токму од осомничените лица.
ДИЗАЈН
Со наредба за спроведување на истражна постапка во случајот „Дизајн“ опфатени се четири службени лица поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст.5 в.в. со ст.1 в.в. со чл.22 од КЗ на РМ.
Имено, постои основано сомнение дека во периодот од 2009 и 2010 година, осомничениот Миле Јанакиески како министер за транспорт и врски, осомничената Снежана Филиповска Павлеска како претседател на Комисијата за спроведување на јавни набавки, а осомничените Игор Јанушев и Јулијана Јанкуловска Атанасова, како членови на комисијата за спроведување на јавни набавки, на двокатни автобуси за град Скопје, формирана од министерството, ги искористиле своите службени положби и овластувња и за економскиот оператор Јутонг од Кина прибавиле корист, односно незаконско повластување – фаворизирање во постапката и склучување на договор за набавка на 202 двокатни автобуси, нанесувајќи му штета на буџетот на Р.М. во износ од 5.000.000 евра.
Од доказите произлегува дека првоосомничениот Миле Јанакиевски како Министер, по претходно поништени две постапки за јавна набавка на спорните автобуси, на кои конкурирал економскиот оператор Јутонг од Кина, без да ги исполнува условите на тендерот, со цел да го фаворизира економскиот оператор Јутонг, повторно донел решение за набавка на 202 автобуси во кое, спротивно на чл.161 од Закон за јавните набавки, во критериумот економски најповолна понуда, покрај елементот цена и техничко функционални карактеристики го додал и елементот дизајн, елемент кој инаку не е предвиден во Законот, и за истиот во огласот навел дека носи 20 бода.
На огласот се јавиле два економски оператори, Јутонг од Кина и Кинг Лонг од Бугарија, по што осомничените (претседателот и членовите на комисијата), при разгледување на понудите, го фаворизирале економскиот оператор Јутонг, иако истиот не доставил сертификат за квалитет ИСО 9001:2000, туку доставил сертификат ИСО/ТС 16949:2002, а банкарската гаранција пак која ја доставил била издадена од Охридска банка АД Скопје, која не поседувала „Б“ кредитен рејтинг (што било услов во тендерската документација).
Како комисија за спроведување на јавната набавка наместо да ја отфрлат ваквата понуда, тие продолжиле со евалуација на двете доставени понуди.
Понудата на економскиот оператор Кинг Лонг била второрангирана, поради тоа што истата не ги освоила потребните бодови за критериумот за елементот дизајн, иако истата била поефтина за 5.000.000 евра од понудата на Јутонг.
Министерот Јанакиевски, бил должен да ја поништи постапката за јавна набавка поради битни пропусти во истата, меѓутоа тој тоа не го сторил тоа, со што постапил спротивно на чл.169 од Законот за јавни набавки и на ден 14.04.2010 година склучил договор за купопродажба на автобуси со кинески Јутонг.
ХАРМОНИЈА
Со наредба за спроведување на истражна постапка во случајот „ Хармонија “ опфатени се три службени лица, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст.3 в.в. со ст.1.вв со чл.22 и чл.45 од КЗ.
Постои основано сомнение дека во 2012 година осомничените Никола Груевски претседател на Владата на РМ, Миле Јанакиевски како министер за транспорт и врски и Стевчо Јакимовски градоначалник на општина Карпош, со искористување на својата службена положба, како соизвршители, за Приватен Меѓународен Балкански Универзитет Скопје прибавиле значителна имотна корист во износ од 23.730.912 денари, односно 385.868 eвра, на следниов начин: Од доказите произлегува дека Никола Груевски, поради блиски пријателски врски со лица од Република Турција им помогнал на сопствениците да се стекнат со две градежни парцели на атрактивно земјиште во северниот дел на касарната Илинден, по нереално ниска цена од само 71 денар по м2, наспроти предвидената почетна цена од 1400.00 ден по м2.
Имено, Никола Груевски на седница на Владата издејствувал измена на уредбата која се однесува на продажба на државното земјиште, со што била утврдена почетна цена од 61 денар по м2 за јавно наддавање.
Во договор со Никола Груевски, Миле Јанакиевски испратил допис до Стевчо Јакимовски, градоначалник на општината да спроведе постапка за оттуѓување на споменатите парцели по пат електронско наддавање. Со цел да се минимизира можноста за учество и на други правни субјекти во наддавањето, Никола Груевски предвидел дополнителен посебен услов – учесниците освен акредитација за високо образование, да приложат и несразмерно висока гаранција од 100.000 евра по парцела. По објавата за јавното наддавање на почетокот на месец мај, Балкански универзитет се пријавува на наддавњето кон крајот на месец мај, но комисијата утврдила и по електрански пат го известила универзитетот дека документацијата не е комплетна и дека не може да учествува. Во договор меѓу Миле Јанакиевски и Стевчо Јакимовски, градоначалникот некомплетните документи му ги вратил на претставник од Универзитетот, по што употребувајки ја својата службена положба побарал од комисијата повторно да ги прими назад, сега веќе комплетните документи и да му допуштат да учествува на електронската аукција.
На тој начин му овозможил на правниот субјект како единствен учесник на аукцијата да се стекне со две парцели по цена од само 71.00 денар по м2, со што му овозможиле на Универзитетот да се стекне со значителна имотна корист во износ од 23.730.912 денари, односно 385.868 eвра.
Следната година, во ноември, осомничените Никола Груевски и Миле Јанакиевски повторно на Балкански универзитет му овозможиле противправна имотна корист, во износ од 15.951.237,00 денари односно 259.370 евра, а на штета на буџетите на град Скопје и општина Карпош овозможувајки им незаконски да платат 50 % пониска цена комуналии за изградба на објект на споменатите две парцели.
БАЗНИ СТАНИЦИ
Со наредба за спроведување на истражна постапка во случајот „Базни станици“, опфатено е едно лице поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст. 5 в.в. со ст.4 и 1 од КЗ. Според доказите, во текот на 2011 година осомниченииот Жарко Луковски, тогаш главен извршен директор на Т-мобиле Македонија АД, со искористување на положбата и овластувањето, на ДГ Бетон АД Скопје му прибавил значителна имотна корист од 3.522.400 евра. Воедно, на акционерите на Т-мобиле Македонија, меѓу кои е и државата, им нанел штета во висина на приходот од неоствареното право на дивиденда.
Имено, осомничениот, со цел легализација на дивопоставени базни станици, инаку предвидено со Законот за постапување со бесправно изградени објекти, во април 2011 година побарал финансиска понуда од ДГ Бетон за таа компанија за компанијата Т-мобиле Македонија да ја заврши постапката за утврдување на правниот статус на нејзините базни станици, иако Т-мобиле Македонија поседувал соодветен тим на стручни и лиценцирани лица, кои и претходно работеле на утврдување на правниот статус на базните станици и тоа во износ од по околу 3.000 евра по објект. Нагласуваме дека ДГ Бетон како правно лице претходно никогаш нема давано услуги од овој вид, а во фирмата постоел само еден вработен со соодветното работно искуство.
Сепак, набрзо ДГ Бетон ја известил компанијата Т-мобиле Македонија дека бараната услуга може да ја изврши, по што на 15 август до ДГ Бетон доставил конечна понуда од 9800 евра по објект, како и 2.500 евра за докомплетирање на документација за други стари базни станици. Нагласуваме дека станува збор за сума по базна станица која е за повеќе од три пати повисока во однос на таа за која истата работа можела да биде завршена од страна на стручниот тим на Т-мобиле Македонија. Од доказите произлегува дека на 27 декември истата година осомничениот Жарко Луковски, во име на Т-мобиле Македонија, потпишал договор со претставник на ДГ Бетон за утврдување на правниот статус на базните станици и нивно запишување во јавните книги за недвижност, по веќе споменатата цена од по 9.800 евра по објект, без ДДВ но, вклучително и за 518 комуникациски објекти за кои документацијата само технички била доставена до ДГ Бетон, бидејќи истата веќе била изготвена во Т-мобиле Македонија. Имено, на ДГ Бетон му останала обврска оваа веќе изготвена документација само физички да ја однесе во Архивата на Министерството за транспорт и врски. На овој начин, ДГ Бетон се стекнал со имотната корист од над 3,5 милиони евра, додека акционерите, меѓу кои и државата претрпеле штета во приходи од неостварена дивиденда.
ПАЦИЕНТ
Во истрагата кое се води под името „Пациент“ постои основано сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување на службени и одговорни лица во постапки по јавни набавки за извршување на градежни и градежно – занаетчиски работи во повеќе Јавни здравствени установи низ државата. Во истрагата се вклучени 15 лица, меѓу кои и еден поранешен министер за здравство. Постои основано сомнение дека во 2010 година четворица од осомничените, Фатмир Авмедовски, Бетим Љамалари, Менсур Ибрахими и Жаклина Чагороска, како одговорни лица – претседател и членови на комисијата за јавни набавки во Министерството за здравство на РМ, при вршење на јавна набавка бр 02/2010 за изведување на градежни и градежно – занаетчиски работи во повеќе Јавни здравствени установи низ Македонија, поднеле незаконит предлог за избор на најповолна понуда, а осомничениот Бујар Османи, како министер за здравство, наместо да го одбие предлогот на Комисијата, донел решение за избор на најповолна понуда на понудувачот ГБС – Благоевград – Република Бугарија.
Имено, од доказите произлегува дека осомничените членови на комисијата, го фаворизирале понудувачот ГБС – Благоевград, и покрај тоа што знаеле дека овој понудувач не ги исполнувал условите од тендерската документација, односно не ги поседувал потребните овластувања за инженерите за изведба, а во предмер пресметките кои се составен дел на понудите, не направиле ниту точен збир на податоците, поради што не утврдиле дека понудата на Ингра Загреб е за 637.303,00 денари поевтина од онаа на ГБС Благоевград.
Иако сето ова му било познато и на министерот за здравство, тој не го одбил предлогот туку донел решение и ја избрал понудата на ГБС Благоевград како најповолна, и покрај тоа што вредноста на понудата е поголема од проценетата вредност по јавната набавка и на правниот субјект му овозможил имотна корист во износ од 21.604.150,59 денари.
Во понатамошното мое излагање ќе слушнете како при изградба и реконструкција на ЈЗУ „Општа болница Охрид“, ЈЗУ Клиничка болница Тетово и ЈЗУ ГАК Чаир, различни лица во различни периоди причиниле штета на буџетот на РМ. Имено, во текот на 2010 година истите осомничени Фатмир Авмедовски, Бетим Љамалари, Менсур Ибрахими и Жаклина Чагороска, во друга постапка за јавна набавка бр. 03/2010 за изведување на градежни и градежно – занаетчиски работи во ЈЗУ „Општа болница Охрид“, поднеле незаконит предлог за избор на најповолна понуда и повторно ја избрале понудата на понудувачот ГБС Благоевград кој сѐ уште не ги поседувал потребните овластувања за инженерите за изведба, а со тоа не ги исполнувал ниту условите од тендерската документација.
Министерот за здравство Бујар Османи, го прифатил и овој предлог и склучил договор со понудувачот ГБС Благоевград на износ од 127.533.691 денар. Според доказите, во текот на 2013 година во постапка за јавна набавка бр 07/2010 за реконструкција и доградба на ЈЗУ Клиничка болница Тетово, осомничените: Делче Арсоски како раководител и Дамир Лончариќ како управител во фирмата Ингра Загреб-подружница Ингра Скопје, потпишале и завериле завршна ситуација со невистинити податоци по однос на количините на вградените материјали и нивниот квалитет.
Потоа, завршната ситуација била доставена до одговорните надзори, осомничените Ангел Икономов, Александар Диманин и Заре Здравески, кои без да ги проверат количините, ја потпишале и одобриле. Осомничениот Љупчо Мијајлески, како одговорен инженер во проектната единица за реконструкција и доградба при МЗ на РМ, ја одобрил без да ја провери, а исто така и не побарал да биде активирана банкарската гаранција за неквалитет. Завршната ситуација била основ за плаќање на парични средства, кои средства и биле исплатени , со што причиниле штета на Буџетот на РМ во вкупен износ од 719.470,00 денари, а за правното лице ИНГРА Загреб-Подружница Ингра во Скопје прибавиле имотна корист во висина од 6.005.461,00 денари.
Во текот на 2012 година во постапка за јавна набавка број 02/2010 за реконструкција на болницата Чаир осомничениот Александар Наумовски, како раководител на работите во фирмата ГБС Благоевград, која е изведувач на градежните работи, изготвил завршна ситуација, со невистинити податоци по однос на количините на вградените материјали и нивниот квалитет. Завршната ситуацијата ја доставил до осомничениот Димче Ивановски, кој како одговорен надзор ја потврдил, а потоа осомничените Јадранка Ношпал, специјалист за градежни работи и Славица Тасевска Николовска, проект менаџер од проектната единица при Министерствотo за здравство, без да ја проверат, ја потпишале и одобриле завршната ситуација, која била основ за плаќање на парични средства, кои средства и биле исплатени, со што причиниле штета на Буџетот на РМ во вкупен износ од 1.568,828 денари.