Иднината на популарната апликација TikTok станува неизвесна додека американски политичари ги притискаат технолошките гиганти да ја забранат оваа друштвена мрежа.
Сенаторот Мајк Бенет им испрати писмо на компаниите Google и Apple во кое бара друштвената мрежа TikTok да се отстрани од нивните продавници за да се заштити националната безбедност.
Во писмото, сенаторот Бенет наведува дека е неприфатливо кинеската влада да има пристап на толкава количина податоци, односно да поседува можност да прилагодува содржини за третина од американската популација.
Бенет ја гледа моменталната ситуација околу TikTok како крајно несериозна, а од неговиот агол на гледање, ова е можност технолошките гиганти да се вклучат во дебата и да се изјаснат на чија страна се.
Портпаролката на TikTok, Брук Оберветер, го коментираше писмото на Бенет изразувајќи загриженост поради неговата субјективност. TikTok останува на ставот дека податоците на корисниците на никој начин не и се пренесуваат на кинеската влада. Платформата дури е спремна да и дозволи на американската влада да ги надгледува нејзините операции во обид да ги докаже своите тврдења.
За потсетување, Сенатот наодамна изгласа забрана за TikTok на службените уреди.