Арбен Таравари, министер за здравство и лидер на Алијанса за Албанците која е дел од владејачката коалиција Вреди, го поздравува потегот на американскиот претседател на заминување Џо Бајден, кој го прошири опсегот на санкции за Западен Балкан. Проширени се категориите на поединци кои подлежат на американски санкции поради оспорување на суверенитетот и територијалниот интегритет на државите од Западен Балкан, поткопување на повоените договори и институции и ангажирање во значителна корупција што го поткопува владеењето на правото и довербата во демократското владеење и избегнување на санкциите на американската влада.
„Имаше практично најава дека имаме поригорозни мерки од претседателот на САД, Бајден, за тие кои злоупотребуваат и не ги почитуваат одредени меѓународни спогодби, посебно за Западен Балкан. Ние го поздравуваме и како Влада се придржуваме максимално на сите тие меѓународни договори. Нека размислат тие кои што имаат проблем“, рече Таравари.
Санкциите, меѓудругото, се однесуваат на лица кои директно или индиректно учествувале или се обиделе да учествуваат во кршење, попречување или закана за спроведувањето на регионалната безбедност, мировните договори или договорите за взаемно признавање на Западен Балкан.
Такви се Договорот од Преспа од 2018 година, Охридскиот рамковен договор од 2001 година, Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, Дејтонскиот договор или заклучоците од Советот за спроведување на мирот одржан во Лондон во декември 1995 година.
Новата регулатива нагласува дека санкциите се применуваат на секој за кого Министерството за финансии на САД, во консултација со Стејт департментот, ќе утврди дека е лидер, службеник или член на ентитет, вклучително и владин ентитет, кој се вклучил или се обидел да се вклучи во која било од активностите дефинирани во регулативата за санкции. На црната листа на САД со измените, можат да се најдат и сопружници и возрасни деца на лица чии средства и интереси се блокирани во согласност со регулативата.