Новата 2025 година во македонското здравство е најавена како уште една пресвртница. Министерот за здравство Арбен Таравари на крајот на годината го оцени здравствениот систем со „осмица“, иако нема доволно доктори, во новата година стотици од нив ќе се пензионираат, а промената на оваа демографија значи и дека системот што во моментов функционира за здравствените власти е „неодржлив луксуз“. Најавените вработувања кои ги чекаат онколошките пациенти на Клиниката за онкологија годинава не се остварија туку станаа новогодишно ветување кое ќе се остварува во 2025. Најавени се и инвестиции во реновирања на хируршките сали на Клинички центар (КАРИЛ) но и апарат „ка-те ангиограф“ што наскоро ќе ѝ биде дониран на Клиниката за кардиохирургија. Избрана е фирма што до јуни според најавите на Министерството за здравство ќе ги изгради катните гаражи на Клинички центар и така ќе се реши мачниот сообраќаен хаос што е ризик за животите на пациентите.
Но, останува големиот проблем со кадарот и пациентите во 2025 година ги очекува голем потрес во смисла на пензионирање на стотици доктори, што ќе значи и дека ќе се прави нова државна стратегија за функционирање на здравствениот систем во такви услови. Се потроши и „картата“ на која играа министрите досега – а тоа е да им дозволуваат на докторите да работат и после пензија, до 67 години. Состојбата е дојдена дотаму, што за некои гранки, дури и да се објават огласи, нема да има кој да се пријави.
-Здравствениот систем од пет до десет, би го оценил со осмица. Но, даваме максимум да го поправиме. Услугите што ги добиваат граѓаните и медицинскиот персонал што го имаме мислам дека овозможуваат квалитетни здравствени услуги, смета Таравари.
Отрезнувањето дека здравјето на граѓаните е на стаклени нозе поради огромниот проблем со немањето персонал, ги примора здравствените власти од корен да менуваат работи кои со години функционирале на непроменет начин. Така во руралните амбуланти на матичните лекари, повеќе не е потребно да работи тим од доктор и медицинска сестра како услов за функционирање на амбулантата. Сега, поради тоа што нема доволно медицински сестри, докторот во руралните амбуланти ќе може да работи сам. Логиката е дека е подобро да има било каква здравствена заштита отколку никаква.
Во останатиот дел, во јавното здравство се планира млади доктори специјализанти да влезат на работа, а државните специјализации што ќе се плаќаат од буџетот на Министерството за здравство ќе бидат само за дефицитарни гранки во медицината. Целта е да се натераат младите лекари да специјализираат дефицитарни гранки, како на пример патологија – зашто е јасно дека во целата држава нема повеќе од 20 патолози. Фалат и анестезиолози и радиолози. Од друга страна има премногу кардиолози и пластични хирурзи.
-Секаде во регионот човечките ресурси се проблем, посебно во здравството. Гледате како Словенија и Хрватска бараат доктори а многу од кај нас си заминуваат. Ние како влада можеме да ги подобриме условите и платите и тоа го правиме. Не случајно 600 специјализанти ќе се вработат, новиот колективен договор е друг аспект. Идната година капитацијата за матичните лекари ќе се покачи за да биде мотивација лекарите да останат да работат и да дадат максимум како здравствени работници. Другото не зависи од нас. Тие што се одлучиле да одат надвор од државата не можеме со сила да ги задржиме. Последните 2 месеци ме посетија тројца доктори што работат во европски држави и се заинтересирани да се вратат во Македонија. Сериозно како влада ќе треба да размислиме, особено за тие што работеле барем 3 години во европски држави, да ги вратиме и да ги интегрираме во нашиот здравствен систем, рече Таравари.
На новогодишниот брифинг тој рече дека владата го реализирала ветувањето приватните специјализанти да станат дел од јавното здравство и дека првите 300 од нив се систематизирани, односно јасно е во која здравствена установа ќе бидат упатени да работат. Најави и 3 нови лекови на позитивната листа, иако Комисијата што одлучува кои ќе бидат тие, уште не е формирана.
-Со деканите на Медицинските факултети договоривме вработување на пет најдобри студенти. Од идната година се надевам дека ќе ги вработуваме најдобрите 10 студенти. Средномедицинскиот персонал се вработува, станува збор за 1117 лица, рече Таравари.
Најавите за реорганизација на здравствениот систем неодамна ги потврди и директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски. Според информациите од Фондот, во моментов 100 вработени недостасуваат на Инфективната клиника, а во 2025 во струмичката болница 75 ќе се пензионираат. Во Гостивар од следната година нема да има ни доктор по судска медицина – и тој ќе оди во пензија. Се поизвесно е дека нема повеќе да има 109 јавно-здравствени установи, со 109 управни одбори кои цицаат пари од буџетот. И Центрите за јавно здравје кои ги има 11 во државата, ќе се намалуваат и спојуваат. Брзата помош најверојатно ќе функционира со парамедици, зашто и таму ќе снема доктори.
Реорганизацијата на здравствениот систем ќе значи преиспитување на клучни области од здравствениот систем, на пример – дали во брзата помош треба да има лекари или парамедици, колку болници ќе има, каде ќе бидат и што ќе се работи во нив. Системот што пред 15 години бил воспоставен, за новата власт е неодржлив.
-Сега веќе нема кој да се вработува на многу од овие места, и мораме да направиме целокупна промена на здравствениот систем, од примарна до терциерна заштита, со примена на сите капацитети. Зборувам и за јавни и приватни и да видиме во кој регион што ќе има, рече директорот на Фондот Клековски.
Министерот Таравари годинава ќе менува дел од медицинските директори во болниците, особено за оние кои се изнаслушал негативни критики од персоналот.
-Слушаме добри и убави работи за некои од клиниките, но за жал и неубави. Треба да бидеме рационални и прагматични и таму каде што има незадоволство од пациентите но и од медицинскиот персонал треба да се направат одредени промени. Најверојатно ќе бидат направени. Тие што се добри треба да ги пофалиме, вели Таравари.
На Клиничкиот центар веќе се поставени инсталациите за новата компресорска станица. Компанијата што го доби тендерот кон крајот на јануари ќе го заврши целиот зафат, според најавите на министерот.
-Преостанато е само да се постави апаратот. Добро е што ќе имаме бекап. Новата инсталација и новиот апарат ќе функционираат а стариот апарат ќе го поправиме и секогаш ќе биде поддршка на новиот апарат. Ако се случи нешто на новиот апарат за компримиран воздух, нема да треба пак да чекаме 6 месеци додека да се направи јавна набавка. И ако се расипе новиот апарат после 10 години, стариот апарат за компримиран воздух ќе биде тука веднаш да се вклучи, истакна Таравари.
Од капиталните инвестиции, посебен фокус во 2025 година за Министерството за здравство ќе бидат болниците во Штип и Кичево. Кичевската болница е почната во 1988 година, а штипската во 2011-та, но никако да се довршат. Таравари сепак најави дека во 2025 година ќе се реновираат хируршките сали во ГОБ „8 Сепетември“ кои што се одлична поддршка на оние од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Овој проект со години не успева да добие буџет од владите, иако декларативно го фалеа.