Двајца од жртвите во пожарот во Кочани, кои се хоспитализирани во бугарските болници, се екстубаирани и имаат големи шанси за закрепнување. Ова го изјави министерот за здравство, Арбен Таравари, пренесе БГНЕС.
Министерот Таравари заедно со неговиот бугарски колега доц. Силви Кирилов и министрите за надворешни работи Георг Георгиев и Тимчо Муцунски денеска ја посетија болницата „Пирогов“ каде се згрижени вкупно девет жртви од пожарот во дискотеката Пулс.
„Бугарскиот министер за здравство доц. Силви Кирилов беше првиот министер за здравство што ми се јави на телефон“, рече Таравари и додаде дека му се јавиле вкупно 15 министри од странски земји.
Тој се заблагодари на бугарската држава како и на лекарите за „Пирогов“. „Сакам да му се заблагодарам на целиот бугарски народ за солидарноста“, рече тој.
Министерот Таравари извести дека двајца од пациентите се веќе екстубирани и имаат многу добри шанси за закрепнување. Еден од нив има 31 година, а другиот пациент на 15 години. Уште двајца пациенти се пред екстубација.
Министерот Таравари најави дека во Министерството за здравство во Скопје работи кризен штаб кој проценува дали има потреба повеќе пациенти да се испраќаат на лекување во странство.
„За денеска е предвидено да заминат надвор од државата уште 19 пациенти. Во Македонија ќе останат околу 70 пациенти со полесни рани. Вечерва кога ќе стигнам дома ќе се сретнеме во кризниот штаб и ќе одлучиме за утре“, рече македонскиот министер за здравство.
Пациентите во најтешка состојба се транспортирани во Бугарија и другите соседни земји. Вака министерот Таравари одговори на прашање на БГНЕС дали имало доцнење од македонска страна во барањето помош.
Транспортот на пациентите на лекување во соседните земји, според Таравари, се случил во најбрз можен рок, а министерот за надворешни работи на РСМ Тимчо Муцунски прецизира дека тоа се случило во првите 10 часа од трагедијата. „Во првите 10 часа се транспортирани околу 23 пациенти“, додаде Таравари.
Тој рече и дека за моментот жртвите од пожарот во Кочани се во стабилна состојба. „Починаа 59 лица, а повредените во моментов се вкупно 165“, додаде Таравари.