Тарифите на Трамп ќе забрзаат економскиот пад на Америка

На 26 март годинава, претседателот Доналд Трамп потпиша извршна наредба за наметнување царина од 25% на сите автомобили и лесни камиони што се увезени во САД. Оваа мерка стапи на сила на 3 април, поточно еден ден откако неговата администрација ги воведе „реципрочните тарифи“ кон трговските партнери на САД. Трамп се обиде да ги смири нервозните Американци ветувајќи дека „нашиот автомобилски бизнис ќе процвета како никогаш досега“.

Тоа нема да се случи. Тарифите на Трамп се спротивни на конвенционалната економска мудрост (која почнува со Адам Смит и Дејвид Рикардо па продолжува со Џон Мејнард Кејнс и Милтон Фридман) при што самодовербата на американскиот претседател може да наведе некои да помислат дека зад нив навистина има некаква логика. Тарифата за автомобили и камиони веројатно има за цел да ги поттикне производителите на автомобили да основаат фабрики во САД.

Меѓутоа, ако погледнеме одблиску, станува јасно дека ваквото образложение е суштински погрешно. И додека тоа негативно ќе влијае врз многу земји (особено врз Канада, Мексико и Јапонија), нивното најразорно влијание ќе се почувствува во самите Соединети Американски Држави.

Критичарите на Трамп со право истакнуваат дека царината ќе ги зголеми цените на американските автомобили, но тоа е само еден од нивните многубројни недостатоци. Замислете, на пример, дека дејностите како што е автомобилската (и онаа што произведува полуспроводници) имаат значителни фиксни производствени трошоци. Имајќи предвид дека ненадејното намалување на тарифите по овие потопени трошоци (како што се купување земјиште, изградба на фабрики и добивање дозволи) може да доведе до значителни загуби, инвеститорите ќе треба да бидат сигурни дека тарифите ќе останат во сила најмалку 10-15 години. Ако владата некако може да им сигнализира на инвеститорите дека тарифите ќе останат на сила во догледна иднина, веројатно е дека во САД ќе бидат основани нови фабрики за автомобили, што ќе ја зголеми побарувачката за работна сила.

Тоа, сепак, можеби не е позитивен развој на настаните. Не само што нема да ги направи американските автомобили повторно одлични (great again), вештачкото зголемување на побарувачката за традиционална работна сила може долгорочно да ѝ наштети на американската економија. Со заштита на американскиот пазар зад ѕидот изграден од тарифи, домашното производство се очекува да станува сè поскапо, а земјите што природно имаат пониски трошоци за работна сила, какви што се Кина, Индија, Мексико и Индонезија, ќе можат да произведуваат автомобили по многу пониски цени, со што ќе ги надминат САД и ќе стекнат посилна позиција на глобалниот пазар.

Очајничкиот обид на Трамп повторно да го воспостави производството на автомобили е во остра спротивност со начинот на кој САД се справија со падот на својата текстилна индустрија. Во почетокот на деветнаесеттиот век, САД беа лидер во оваа дејност. Имаа цели погони за памук и волна што работеа со полн капацитет. Текстилниот и конфекцискиот сектор продолжи значително да напредува во периодот по Првата светска војна, при што водечка улога имаше сојузната држава Северна Каролина. Сепак, како што САД стануваа побогата земја и како што се зголемуваа трошоците за работна сила, тие постепено ја загубија својата компаративна предност и се насочија кон дејности што бараат истражување и иновации. Во тие области САД беше во добра позиција да има водечка улога. Денес, пак, доминантна улога во текстилната индустрија имаат земји како што се Виетнам, Бангладеш и Турција.

Доколку САД одлучеа да воведат високи царини за увезениот текстил и облека во втората половина на дваесеттиот век со цел да го поттикнат домашното производство, можеби и понатаму ќе имаа централна улога во производството на облека. Меѓутоа, сето ова ќе се случеше по висока цена: американската економија немаше да биде онаму каде што е денес туку би имала големи фабрики во кои работниците работат на трудово-интензивни работни места.

Ова не значи дека тарифите, кога се користат стратешки и умерено, не се ефективни, а можеби дури и неопходни во одредени околности. Но, кога тие ја поткопуваат конкурентската предност на една земја, што несомнено ќе се случи поради тарифите на Трамп, тие можат да предизвикаат само штета.

Историјата има вредни поуки за тоа кои се опасностите од хипернационализмот и од протекционистичките трговски политики. Во почетокот на дваесеттиот век, Аргентина бележеше брз раст беше меѓу најбогатите земји во светот, при што ги надмина и Германија и Франција. Некои дури предвидоа дека економски ќе ги престигне и САД.

Сепак, работите се сменија во 1930 година, кога Хозе Феликс Урибуру беше предводник на воен удар и кој потоа се прогласи за претседател. Во период од три години тој ја ограничи имиграцијата и речиси двојно ги зголеми тарифите. Во меѓувреме, САД ја отвораа својата економија за стоки и за луѓе, инвестираа во високото образование и спроведуваа најсовремени истражувања. Американската економија забележа огромен раст а онаа на Аргентина стагнираше, со што повеќе немаше никакви надежи дека таа ќе може да им парира на САД.

Поуката е јасна: наместо да се држат до застарените дејности со користење на протекционистички трговски мерки, државите треба да ги прифатат иновациите. Точно е дека технолошкиот напредок отвора економски можности, но тој исто така има тенденција да ја намалува побарувачката за работна сила. Решението е во редистрибутивно оданочување и споделувањето на добивката со цел да се обезбеди дека придобивките овозможени со растот се распределуваат на правичен начин, наместо да се трупаат кај корпорациите и да се концентрираат кај луѓето кои се милијардери.

Редистрибутивното оданочување секако дека не е лесно да се постигне. Тоа мора да биде внимателно осмислено за да не се обесхрабрат иновациите и да не дојде до искривоколчување на стимулативните мерки. Во секој случај, ваквото оданочување е многу попожелно отколку погрешните политики на Трамп, а во ера на брзи технолошки промени, тоа има апсолутно суштинско значење.

Республика

(Авторот е поранешен главен економист на Светската банка)

Пронајдете не на следниве мрежи: