Резултатите од новото истражување можеби ќе ги натераат новопечените мајки два пати да го погледнат сопругот кога следен пат ќе станат среде ноќ поради плачот на бебето.
Новата студија покажала дека повеќе од половина татковци глумат дека спијат, за да го избегнат ноќното станување кога ќе го слушнат плачот на бебето.
Повеќето татковци признале дека се преправаат дека спијат, држејќи ги очите затворени, за нивната партнерка да стане наместо нив и да го смири бебето.
Во студијата учествувале преку 2000 родители, а дури 56% татковци признале дека намерно се преправаат дека спијат, за да го избегнат станувањето.
Многу мажи рекле дека во оваа ситуација не можат да ја заменат улогата на мајката, а еден од пет татковци рекле дека децата обично ја бараат мајката.
Тука не завршуваат машките оправдувања. Три од десет мажи оправдувањето за нестанувањето го пронашле во тоа дека мора да бидат свежи и одморени за наредниот ден.
На крајот на студијата, дури 47% од родителите рекле дека ноќното станување е резервирано само за мајките, додека само 14% признале дека тоа е обврска која исто така е наменета и за татковците.