Министерот за финансии Драган Тевдовски и гувернерката на Народната банка на Македонија Анита Ангеловска-Бежоска ќе учествуваат 24-тиот Форум на Централна и Источна Европа, што го организира “Еуромани” во Виена.
“Еуромани” е еден од водечките настани од областа на финансиите во Европа. На него редовно присуствуваат повеќе од илјада учесници – министри за финансии, гувернери на централни банки, директори на финансиски институции и инвеститори. Форумот е насочен кон дискусија на најважните прашања за пазарите во Централна и Источна Европа.
Како што соопшти македонското Министерство за финансии Тевдовски ќе земе учество на министерскиот панел, на кој ќе учествуваат и министрите за финансии на Унгарија и Албанија. Тевдовски ќе зборува за краткорочните и долгорочните очекувања за македонската економија, инвестициите и очекувањата за кредитниот рејтинг.