Тежок воено-транспортен авион АН-124-100 со вредна пратка слета во Турција

Во овој џиновски авиони се наоѓаат компоненти за ракетниот ПВО-систем со долг дострел С-400 „Триумф“ кој Република Турција го купи од Русија. Претпоставката е дека во првата фаза ќе биде испорачана една батерија ваков систем.
На турскиот воен аеродром во реонот на главниот град Анкара слета најмалку еден тежок воено-транспортен авион АН-124-100. На видеоснимката што ја објави локалната ТВ-станица Canli 24 се гледа истоварувањето на мобилните лансирни единици кои се наоѓаат во склоп на системот С-400 „Триумф“.

Првите информации за преговорите меѓу Русија и Турција за набавка на системи С-400 „Триумф“ се појавија во медиумите во ноември 2016 година. По првите неформални разговори, многу брзо се помина на конкретни чекори кои беа регистрирани со потпишување на голем договорот за купопродажба во вредност од 2,5 милијарди американски долари. Овој договор беше потпишан на 12 септември 2017 година.
Треба да се напомене дека за САД овој договор е апсолутно неприфатлив, како и дека претходните година-две следеше неуспешна дипломатска офанзива истиот да се раскине. На крај САД се заканија дека во случај Турција сепак да ги набави овие системи, ќе ја прекине реализацијата на договорот за испорака на авиони-ловци од петтата генерација F-35. Ова не ја исплаши премногу Анкара која, како што гледаме, сепак ги набави овие системи, но и изрази подготвеност дека доколку САД не го испочитуваат договорот за набавка на авиони F-35, да побара помош на другата страна (се мисли на Русија и набавка на авиони Су-57).


Рускиот противвоздушен систем С-400 „Триумф“ е наменет за борба против сите современи и перспективни средства на воздушно-космичкото оружје. Неговиот максимален хоризонтален дострел е околу 400 км (ракета 40Н6Е), додека во височина дејствува и до 35 км. Формациски, во рамките на еден дивизион најчесто има 2-3 батерии на овој систем, со вкупно 8-12 транспортно-лансирни единици. Значи, еден дивизион во својот состав има 48 ракети подготвени за моментално дејство. Цел ракетен полк хипотетички може да нападне 96 непријателски воздушни цели во оперативен борбен радиус до 400 км.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.