Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) во вторникот објавија дека ги напуштаат ОПЕК и ОПЕК+, со што им зададоа тежок удар на овие групи извозници на нафта, но и на нивниот де факто лидер, Саудиска Арабија.
Овој радикален потег доаѓа во време кога војната со Иран предизвикува историски енергетски шок и ја дестабилизира целата глобална економија.
Шокантното излегување на ОАЕ, долгогодишна и многу влијателна членка, би можело да создаде хаос на пазарот и сериозно да ја ослабне организацијата која досега главно се обидуваше да претстави обединет фронт, и покрај внатрешните несогласувања по низа прашања, од геополитика до производствени квоти.
Производителите од Заливот во рамките на ОПЕК веќе се соочуваат со проблеми при извозот преку Ормутскиот теснец. Една петтина од вкупната светска сурова нафта и течен природен гас (ЛНГ) поминува низ ова тесно грло меѓу Иран и Оман, а транспортот е попречен од иранските закани и честите напади врз трговски бродови.
Излегувањето на ОАЕ од ОПЕК е голема победа за американскиот претседател Доналд Трамп, кој постојано ја обвинува организацијата дека „го ограбува остатокот од светот“ со вештачко зголемување на цените на нафтата.
Трамп, исто така, директно ја поврза американската воена поддршка на регионот на Персискиот Залив со цените на нафтата, истакнувајќи дека иако САД ги бранат членовите на ОПЕК, тие „ја користат таа заштита за да наметнат високи цени на нафтата“.
Одлуката дојде откако Емиратите, регионален бизнис центар и еден од најважните сојузници на Вашингтон, остро ги критикуваа другите арапски држави дека не направиле доволно за да ги заштитат од бројни ирански напади за време на тековната војна.
Анвар Гаргаш, дипломатски советник на претседателот на ОАЕ, јавно ја критикуваше реакцијата на арапските земји и земјите од Заливот за време на неговата презентација на „Форумот на влијателни лица од Заливот“ што се одржа во понеделник.
„Земјите од Советот за соработка во Заливот (GCC) се поддржуваа меѓусебно логистички, но политички и воено, мислам дека нивната позиција историски е најслаба досега“, нагласи Гаргаш.
Конечно, тој додаде дека е разочаран од недостатокот на солидарност од неговите најблиски сојузници: „Очекувам ваков слаб став од Арапската лига и воопшто не ме изненадува, но не го очекував тоа од Советот за соработка и сум непријатно изненаден“.
Пронајдете не на следниве мрежи:



