По топлотниот бран, Швајцарија сега е соочена со обилни дождови кои предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето, додека снег падна во повисоките делови на земјата. Во познатиот зимски центар Зермат, на надморска височина од 1.638 метри, падна снег.
- Температурата импресивно падна, во рок од четири дена. Во четвртокот термометарот на станицата покажа 31,2 степени. Денеска во 11:15 часот беше 0,5, објави метеоролошката служба MeteoSvise на платформата Х (поранешен Твитер).
Многу планински премини на Алпите, како Готард и Зимблон, останаа затворени и денеска, поради дождот што почна во петокот вечерта и предизвика кал. Поради лизгање на земјиштето во некои области е откажан железничкиот сообраќај.
Реката Рајна се излеа во долината низ која тече во Швајцарија, но засега нема опасност за населените места, јави швајцарската новинска агенција Keyston-ATS.
Обилни дождови има и во областите во Швајцарија каде што се зборува италијански, особено во кантонот Тичино. Дождот ќе продолжи да врне и утре, информираат од метеоролошката служба. Повторно ќе врне снег на планините, но тоа не е доволно за да се спасат швајцарските глечери.
Швајцарија и нејзиниот екосистем се особено погодени од климатските промени. Ситуацијата во глечерите се опишува како драматична, бидејќи меѓу 2021 и 2022 година изгубиле шест отсто од својот волумен.
Да потсетиме, невремето денеска ги зафати Италија, Словенија и Хрватска.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.