Тикток-предизвик довел до трагедија во Романија: Момчиња ги исклучиле фаровите и се забиле во дрво

Двајца тинејџери загинаа во тешка сообраќајна несреќа во Романија, откако поради „предизвик“ од социјалната мрежа „Тикток“, ги исклучиле фаровите на автомобилот со кој се возеле, јавуваат романските медиуми.

Момчето кое возело со голема брзина синоќа, ги исклучило фаровите на автомобилот и по само неколку секунди излетале од патот и удриле во дрво. Михај и Андреј, стари едвај 18 и 19 години, загинале на самото место, во округот Прахова. Третото момче, кое седело на задното седиште, е тешко повредено.

„Сакавме да одиме во паркот. Се возевме и другарот кој возеше се шегуваше за да ме исплаши, рече дека ќе ги изгаси светлата, фаровите. Ги изгасна на околу две секунди, а потоа повторно ги запали и додаде гас. Беше многу блиску до кривината и баш тогаш, во кривината, повторно забрза“, раскажа преживеаното момче.

Автомобилот во кој се наоѓале тројцата пријатели се движел по патот DJ 140, во општината Пучењи Мари. Во кривината, осумнаесетгодишниот возач ја изгубил контролата врз возилото, излетал од патот и силно удрил во дрво.

Мајката на преживеаното момче раскажа дополнително што се случило по несреќата.

„Мојот син бил зад возачот. Не бил врзан со сигурносен појас… Мислам дека тоа беше Бог. Бог интервенирал. Излегол на патот и се обидел да ги запре автомобилите. Два автомобили поминале покрај нив, не сакале да запрат“, изјавила мајката на момчето што преживеа.

Дури третиот автомобил наводно застанал, а неговиот возач повикал итна помош.

Сведоци тврдат дека 18-годишниот возач пред несреќата возел многу брзо.

„Велат дека возел 120 километри на час“, изјави еден малолетен сведок за романските медиуми.

Пронајдете не на следниве мрежи: