Тимот на „Медена земја“: Не добивме Оскар, но сосема сме свесни за големината на овој филм

И покрај тоа што „Медена земја“ не доби Оскар, сосема сме свесни за големината на овој филм, за значењето на пораката што ја пренесува, за силата на бескрајните приказни што се кријат во оваа земја и за многуте наши талентирани уметници кои знаат како тие приказни да ѝ ги покажат на публиката. Почестени сме што бевме номинирани покрај овие одлични филмаџии со смели приказни кои им се обраќаат на луѓето од целиот свет, на универзалниот јазик на кинематографијата, објави екипата од „Медена земја“ на фејсбук-страницата на филмот по завршувањето на доделувањето на Оскарите.
Велат дека не можело да се предвиди дека нашиот филм ќе влезе во историјата на Македонија и во историјата на номинациите за „Оскар“.

„Медена земја“ истовремено беше номиниран во две категории, за најдобар документарен и за најдобар интернационален филм, затоа што, пишува тимот „универзалноста на приказната и јазикот на филмот ја даваат неговата компетентност и сила да се натпреварува со останатите номинирани“.
– Кога го промовиравме филмот на фестивалот „Санданс“, пред повеќе од една година, не се ни надевавме дека ќе стигнеме толку далеку. Им се заблагодаруваме на сите што веруваа во нашиот мал филм и нè поддржуваа, а особено му се заблагодаруваме на дистрибутерот „Неон“ за вербата во моќта на кинематографијата и во смелото раскажување приказни. На крај, би сакале да ѝ се заблагодариме на нашата водечка ѕвезда, Атиџе Муртова што ни дозволи да влеземе во нејзиниот прекрасен свет. Филозофијата на Атиџе ‒ земи половина, остави половина ‒ е едноставна, но длабока. Тоа е порака во којашто може да се пронајде секоја публика. Горди сме што сме гласниците на таа порака, напишаа авторите на „Медена земја“.
Во објавата на Фејсбук ја додават и пораката што од Лос Анџелес ја упатува главната протагонистка на документарецот, Атиџе Муртова:
‒ Мојот живот по снимањето на филмот драстично се промени. Сега имам нова куќа, и сѐ станува подобро и подобро. Сакам публиката да извлече само една порака од филмот: како што јас споделувам со своите пчели, така сакам и сите луѓе да споделуваат едни со други, вели Атиџе.
Во категоријата документарен филм Оскарот го доби „Американска фабрика“, а за најдобар интернационален филм беше прогласен јужнокорејскиот „Паразит“ кој освои вкупно четири златни статуетки.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.