Кога си во болница тие се оние кои ти даваат крилја, кога не ти е до летање, тие се оние кои те убедуваат да ѝ веруваш на медицината…
Во екот на корона вирусот, медицинските лица се тие што нè делат од комплетно лудило.
Тие се оние кои се во директен контакт со заразените и го ризикуваат својот живот, тие се оние кои не спијат доволно затоа што работат дупли смени, тие се оние кои ја задржуваат насмевката на лицето дури и кога е најтешко.
Тие се оние што скротуваат туѓи демони и смируваат паника.
Тие се оние што даваат сè од себе за човечки животи да бидат спасени.
Моменталната ситуација со корона вирусот и фотографијата (горе) од сестрата Маја која ги чува пациентите во изолација, а стана вирален хит, ме натера да се сетам дека за жал, неодамна имав искуство на онкологија.
И во сето сивило се појавија медицински сестри кои не ја симнуваа насмевката на лицето, кои ми велеа по лечењето да не сме те виделе повеќе тука, освен можеби во некое кафуле, кои одговараа на непрекинатата низа прашања упатени до нив.
Тие ги тешеа тажните тетки кои не сакаа да си ја прифатат дијагнозата, им помагаа на чичковците кои едвај стануваа од креветот и се обидуваа да го разбудат изгаснатиот сјај во очите на младите кои се соочиле со дијагнозата рак.
„Сè ќе биде добро, има утре, ниту еден негативен ефект да не те чуди, сето тоа е нормално, ти си прекрасна, ти можеш, секоја чест како се држиш…“, се дел од нивните зборови.
Тие се оние кои ти даваат крилја, кога не ти е до летање, тие се оние кои те убедуваат да ѝ веруваш на медицината и дека за тебе се прави најдоброто што е на располагање во моментот.
Секој ден гледаат тажни лица, неизлечиви болести, луѓе претворени во скелети, но наместо да избегаат оттаму по куса постапка, тие остануваат со години, вложуваат дел од својата животна енергија за да внесат оптимизам онаму каде владее очај.
И не се откажуваат дури и кога немаат доволно игли, лекарства, апарати, тие не се смируваат додека не обезбедат за да ви помогнат.
Секогаш со професионален однос, благ збор и беспрекорна организираност работат на вашето здравје.
И нивната работа е тешка, тие се справуваат со болести, со животозагрозувачки ситуации, со човечки судбини. И мора да се носат со сето тоа секој ден, а потоа сет тој товар да се обидат да го остават на работното место и да не го понесат дома со себе. А, тоа е тешко!
Треба натчовечки напори за да ја заборавите 27-годишната девојка која кога треба да лета добила дијагноза рак или жената која цел живот се бори со оваа тешка болест и веќе по трети пат во животот е ставена пред тест на своите способности.
Треба да умеете со вака кревки луѓе во најтешкиот миг од нивниот живот.
Треба да ја сакате премногу својата работа, да сте човек во срцето за да можете да го работите ова.
Треба да сте подготвени да дадете дел од срцето за работата, ако сакате да сте добри во истата.
А такви медицински сестри постојат. Да, кај нас, да во нашите болници, да во Македонија!
Едно големо браво за овие лавици!