Турската агенција за управување со катастрофи АФАД има регистрирано повеќе од 7.200 последователни потреси од 6 февруари
09:30 Во последните земјотреси во Хатај загинаа 6, повредени 562 лица
Министерот за внатрешни работи на Туркије, Сулејман Сојлу, соопшти дека како последица на последните земјотреси во Хатај, најмалку 6 лица загинаа, а 562 лица се повредени, од кои 18 се животно загрозени.
Земјотрес со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала завчера ја погоди областа Дефне во турската област Хатај, а три минути подоцна следуваше уште еден земјотрес со магнитуда од 5,8 степени, чиј епицентар е регистриран во округот Самандаг, исто така во Хатај.
Овие земјотреси се случија две недели по двата разорни земјотреси со епицентри во Кахраманмараш во кои животот го загубија најмалку 42.310 луѓе.
Министерот за внатрешни работи на Туркије, Сојлу, им се обрати на новинарите во Координативниот центар во Хатај и изјави дека акциите за пребарување и спасување во Хатај сѐ уште се во тек на пет урнатини.
„Надлежните служби се на терен и продолжуваат со активностите. Во тек е и процесот на проценка на штетите на објектите. При крај е и прелиминарниот процес, но на барање на граѓаните процесот на проценување ќе биде повторен за секој поединечен објект“, истакна Сојлу.
Тој нагласи дека не е прифатливо никакво поскапување на наемнината во овие тешки моменти и дека таквата појава ќе се смета за безобѕирна и неморална.
„Потресите на тлото сѐ уште траат. Забрането е влегување во објектите кои се оштетени. Ги повикуваме граѓаните да ги почитуваат упатствата на надлежните тимови“, рече Сојлу.
Тој истакна дека во изминатите 16 дена на југот на Туркије се регистрирани вкупно 7.242 потреси.
„Како држава и народ, рамо до рамо ќе ја надминеме оваа катастрофа. Целта е во наредната година да подигнеме нови згради, но сите заедно ќе го продолжиме процесот на рехабилитација на граѓаните погодени од оваа трагедија“, додаде Сојлу.
08:30 Баербок и Фезер во посета на Туркије: Последиците од земјотресите не можат да се опишат со зборови
Германската министерка за надворешни работи, Аналена Баербок, изјави дека последиците од разорните земјотреси кои ги потресоа јужните делови на Туркије не можат да се опишат со зборови.
Шефицата на германската дипломатија, Баербок и министерката за внатрешни работи, Ненси Фезер, вчера ја посетија турската област Кахаманмараш и од прва рака се запознаа со ситуацијата на теренот по разорните земјотреси кои го потресоа регионот на 6 февруари.
По посетата на шаторската населба и медицинскиот центар што германските волонтери го поставија во местото Пазарџик, министерките го посетија и центарот на градот.
„Последиците на овие катастрофи не можат да се опишат со зборови, дури и ако сте физички тука“, рече Баербок.
Таа на новинарите им рече дека Берлин обезбедил дополнителни 50 милиони евра помош, со што вкупната помош на Германија за настраданите од земјотресите во Туркије и Сирија е зголемена на 108 милиони евра.
Пакетот помош вклучува и шатори, медицински материјали, храна, ќебиња и агрегати.
Баербок рече дека германската Влада, исто така, го олеснила процесот на издавање визи за турските граѓани кои имаат роднини во Германија, истакнувајќи дека постои мобилен автобус за поднесување на барање за виза, кој во погодените подрачја може да ги прифати и обработи барањата за виза.
Министерката за внатрешни работи на Германија, Фезер, рече дека со оваа посета сакаат да покажат солидарност со жртвите од катастрофата и информира дека се сретнале со семејствата кои ги загубиле своите најблиски и своите домови.
Фезер рече дека се уверила колку пакетите на германската помош се добро дистрибуирани во подрачјата погодени од земјотресот, што е показател за длабоките врски меѓу Германците и Турците.
07:00 Туркије забранува отпуштања, нуди поддршка за плати во зоните погодени од земјотресот
Туркије започна привремена шема за поддршка на платите и забрани отпуштања во 11 провинции за да ги заштити работниците и бизнисите од финансиските влијанија на масовните земјотреси што го погодија јужниот дел на земјата на почетокот на овој месец.
Потезите се дел од чекорите на турската влада за минимизирање на влијанието на најлошиот земјотрес во модерната турска историја, кој остави десетици илјади мртви.
Работодавците чии работни места се „силно или умерено погодени“ ќе имаат корист од поддршката за делумно покривање на платите на работниците чии часови беа скратени, објави во средата Службениот весник на земјата.
Забрана за отпуштања беше воведена и во 11 провинции погодени од земјотресот опфатени со вонредна состојба.
Турскиот парламент на 7 февруари воведе вонредна состојба на три месеци, по барање на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Пронајдете не на следниве мрежи: