Том Круз е најплатениот холивудски актер, заработува 7 илјади долари по изговорен збор

Том Круз е најплатениот актер во Холивуд, а земајќи ја предвид неговата заработка во текот на кариерата, објавена е и сумата што ја заработува по изговорен збор.

Актерските вештини на Круз во комбинација со неговата деловна острина и продукцијата на неговите сопствени филмови како „Mission Impossible“ му овозможија да добие процент од профитот, наместо само фиксна плата, од многу блокбастери во кои тој глумеше – со што се најде на врвот на листата на најплатените актери во Холивуд.
Помага и податокот дека тој е едно од оние имиња кои прават повеќе за промоција на филмот од сите други карактеристики.
Веб-страницата Casumo наведува дека, врз основа на досегашната заработка – не вклучувајќи го продолжението на „Top Gun“, Круз заработува 7.091 долари по збор, што во превод значи 205.639 долари за 10 секунди дијалог.
Актерите на второто и третото место, Курт Расел и Џони Деп, заработуваат „само“ 5.682 долари и 4.877 долари по изговорен збор. Кога станува збор за актерките, Камерон Дијаз, која сега е во пензија, „заостанува“ со 4.637 долари по збор.

Casumo не ги открива точните методи за пресметување на заработката, но ја зема предвид целата кариера на еден актер. Исто така, во пресметките за Круз не е вклучена заработката од филмот „Top Gun: Maverick“ кој излезе минатата година.
„Top Gun: Maverick“ не само што беше еден од најдобрите филмови во 2022 година, туку и еден од најпрофитабилните, со заработка од 1,489 милијарди долари со буџет од само 170 милиони долари. Следствено, заработката на Круз по збор до овој момент е веројатно повторно зголемена.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.