Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денес, во рамките на Министерството за внатрешни работи, учествуваше на церемонијата на прием и предавање на донација од Сојузна Република Германија, на која присуствуваше и амбасадорката на Германија во Република Северна Македонија, Петра Дрекслер, како и претставници на Канцеларијата за врски на Сојузната полиција на Сојузна Република Германија.
„Донацијата, со вкупна вредност од приближно 600.000 евра, реализирана во изминатиот период, вклучува моторни возила, термални камери, компјутерска опрема и софтвер, специјализирана опрема за верификација на документи, како и специјални возила за воздухопловната единица. Оваа опрема е насочена кон подобрување на капацитетите на Министерството во областа на управувањето со границите, борбата против трговијата со луѓе и шверцот со мигранти, анализата на криминалистичко-разузнавачките информации и форензичките испитувања“, објави Тошковски на социјалните мрежи.
Министерот Тошковски истакна дека донацијата е симбол на доверба и силно партнерство меѓу двете земји.
„Оваа церемонија не е само формално прифаќање-предавање на опрема, туку јасна порака дека Германија стои рамо до рамо со Македонија во заедничката борба против организираниот криминал во заштитата на нашите граници и обезбедувањето на безбедноста на граѓаните. Поддршката што ја добиваме не се мери само во материјални ресурси, туку и во знаење, обука и размена на искуства, што значи долгорочно зајакнување на капацитетите и професионализација на македонските полицајци“, нагласи Тошковски.
Тој изрази благодарност до Федералната полиција на Сојузна Република Германија и до Германската амбасада во Македонија за нивната континуирана поддршка, нагласувајќи дека шесте спроведени обуки за македонските полицајци се доказ за стратешката и долгорочна соработка меѓу двете институции.
The post Тошковски: Германија стои рамо до рамо со Македонија во заедничката борба против организираниот криминал во заштитата на границите appeared first on Во Центар.



