Тошковски: Донација од САД вредна еден милион евра за одделот за бомби на МВР

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес учествуваше на предавањето на опремата обезбедена во соработка со Амбасадата на САД во Македонија и програмата АТА. Станува збор за донација на опрема за потребите на Единицата за откривање и отстранување на експлозивни направи во Секторот за борба против тероризам, екстремизам и насилна радикализација во рамките на Одделот за откривање на организиран и сериозен криминал.

Како што информира Министерството за внатрешни работи, станува збор за многу софистицирана опрема, вредна околу еден милион евра – робот за справување со импровизирани експлозивни направи, неексплодирани мини и друга муниција, униформи отпорни на бомби, телескопски манипулаторски раце, детектори за експлозивни направи, оптички камери, рендгенски машини за откривање експлозивни направи, специјализирано возило за префрлање опрема и обука на припадници на единицата за откривање и демонтирање експлозивни направи, како и за користење на опремата преку програмата АТА.

„Денес покажуваме дека нашето стратешко партнерство со САД е на одлично ниво. Голема благодарност упатувам до целиот тим на Амбасадата на САД во Македонија. Нивниот личен труд создава додадена вредност во обезбедувањето на оваа важна опрема што беше донирана од американската држава. Имаме опрема што беше донирана на Единицата за отстранување на експлозивни направи или „единица за бомби“ што е важна за Македонија во рамките на професионалното дејствување во Министерството за внатрешни работи. Станува збор за најсовремена опрема вредна околу еден милион евра, а сите припадници на единицата веќе поминале соодветна обука, исто така организирана од амбасадата. Со ваков вид опрема се заштитени животите на луѓето и граѓаните, како и на професионалците во Министерството за внатрешни работи“, нагласува Тошковски.

Вршителот на должноста амбасадор на САД во Македонија, Никол Варнс, изјави дека оваа донација претставува заедничка посветеност за зајакнување на капацитетот на министерството за одговор на ваквите видови закани, заштитувајќи ја заедницата и животите на граѓаните.

„Заедничката посветеност на Министерството и Амбасадата е од суштинско значење за успехот на нашите две земји и се радувам на нашата континуирана соработка во иднина. Членовите на Одделот за отстранување експлозивни направи се соочуваат со вонредни ризици во својата работа. Тие се изложуваат на ризик за другите да бидат безбедни. Тие заслужуваат алатки и опрема од највисок квалитет за безбедно и ефикасно извршување на своите должности. Ова возило и опрема ќе го подобрат нивниот капацитет за откривање, проценка и неутрализирање на експлозивни закани со поголема брзина, прецизност и координација. Денешната поддршка го нагласува нашиот заеднички интерес за безбедност и стабилност. Кога капацитетите на Република Северна Македонија се зајакнуваат, кога заканите се идентификуваат и се решаваат соодветно и брзо, придобивките ги делат двете нации. Силно билатерално партнерство како нашето е од суштинско значење за обезбедување безбедност и одговор на предизвиците пред тие да ескалираат. Тоа е она што го прават доверливите партнери“, нагласи Варнс.
The post Тошковски: Донација од САД вредна еден милион евра за одделот за бомби на МВР appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: