Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва оствари работна средба со раководството на СВР Скопје и посети дел од полициските службеници на терен кои во пресрет на новогодишната ноќ имаат задача да се грижат за безбедносната состојба и одржување на јавниот ред и мир.
„Огромна благодарност до македонската полиција, до секој еден македонски полицаец којшто моментално не е со своето семејство во својот дом, туку е на терен помеѓу македонските граѓани на местата каде што се прославува новогодишната ноќ. Покрај полициските службеници од сите сектори кои се на терен, имаме полициски службеници и од сообраќајната полиција како во рамки на СВР Скопје така и во рамки на сите останати Сектори за внатрешни работи низ Македонија. Присутни сме и контролираме, ќе бидеме будни како македонска полиција и ја користам оваа прилика да испратам апел до сите наши граѓани, посебно до оние кои оваа вечер ќе слават и ќе консумираат алкохол, да не управуваат моторно возило, како и да не користат пиротехнички средства кои што би можеле да нанесат повреди.“, потенцираше министерот Тошковски.
Тошковски нагласи дека македонските граѓани можат да се чувствуваат безбедни и посака оваа ноќ сите да ја поминат во пријатна атмосфера, мирно и достоинствено да прославуваат а дека полицијата е присутна и будно ќе ја следи состојбата во насока на одржување на јавниот ред и мир.