Македонските травел блогери Евгениј Хоуп, Теона Манго и Моника Потер се вклучија во кампањата “Македонија, каква што не ја знаеш”, која ја иницираше туристичката агнеција ЈК травел. Дестинациите кои оваа тројка ќе ги посети се добро познати, но она што тие ќе се обидат да го откријат се скриените туристички потенцијали кои се далеку од радарот на домашните туристи.
Како да се патува во сопствената земја како турист? Или уште поконкретно, како да не се биде обичен турист, туку патувач и откривач на нови искуства во сопствената земја.
„Што ако тргнавме уште рано сабајле, кога во Зовиќ стигнавме во два напладне. Де застани тука, де застани да ги видиш оние камени формации. Од толкава убавина главата ме заболе. Тие нереални погледи што ги сретнав таму само ми го потврдија фактот дека времето има различен проток. Сè беше некако бавно. Попријатно. Стварно се чувствуваш како лик извлечен од некоја епска фантастика.” вели Евгениј Хоуп за посетата на Мариово.
Ова е време кога голем дел од летото ќе го поминеме во Македонија и треба да се направи убав план како да се искористи максимално.
„За Маврово знаев, но за Крушево не знаев дека има можност да се јаваат коњи, а коњите се моја голема љубов, тие кои добро ме знаат ја знаат оваа моја пасија, јавам од својата 8 година. Воодушевена сум од тоа како локалците откриваат начини да понудат нешто поинакво што ќе ги натера домашните гости повеќе да го ценат своето, а не само да се восхитуваме на туѓите дестинации. Сите знаат да одат во ресторан и да нарачаат македонска храна, но она што е поинакво тука е што имате можност да учествувате во нејзиното подготвување. Еве јас прв пат имав шанса да месам леб кој потоа го печевме во селската фурна. Посебно искуство, кое секогаш ќе го паметам” додава блогерката Теона Манго.
Македонија нуди и амбиенти и природа и храна и обичаи. Има и градови кои се богати со историја. Креирани се посебни програми, кои од обично патување во Картово, на пример, ќе Ви создадат авантура. Постојат локални херои кои малкумина ги познаваат, а имаат што да му понудат на домашниот турист.
„Овој викенд ми беше посебно убав и конечно малку поразличен. Кога веќе се помиривме со реалноста дека дојде јули и патувањата надвор од државата ќе бидат на пауза, открив шанса како поинтересно да ја прошетам Македонија, од она што вообичаено сум го правела. Еве конкретно, сум кајакарела на Матка, но не и на Преспанско Езеро. Сум кајакарела сама, а овде испробав кајак во тандем. Поинакво искуство, а Преспа има една магична тишина која плени” истакна инфлуенсерката Моника Потер.
На патувањата, тројцата блогери ги следи младиот и талентиран фотограф Дино Нечевски кој создава фотографии кои како да ве носат далеку – а блиску е.
“Македонија каква што не ја знаеш” ви нуди да ја почувствувате авантурата – а да бидете сигурни во својата земја – на своето тло со оглед на здравствената криза која го зафати светот.
Македонија навистина може да понуди повеќе од она што изгледа познато, па затоа е време е да ја запознаете каква што не ја знаете.
Ваучерите за домашен туризам и картичката “Купувам домашно” можат да се употребат за сите домашни дестинации.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.