Американскиот претседател Доналд Трамп е во дилема дали рускиот претседател Владимир Путин воопшто сака да ја заврши војната во Украина. Оваа негова проценка доаѓа само еден ден откако изјави дека Украина и Русија се „многу блиску до договор“.
„Ова е војна на поспаниот Џо Бајден, а не моја. Беше осудена на пропаст од првиот ден и никогаш не требаше да се случи. Никогаш немаше да се случи ако јас бев претседател. Сега само се обидувам да го исчистам нередот што ми го оставија Обама и Бајден – и тоа каков неред е тоа.
Но, со сето тоа, нема оправдување Путин да испукува ракети врз цивилни области, градови и села во последните денови. Ова ме наведува да мислам дека можеби тој дури и не сака да ја запре војната, само ме „тапка“ по рамо, па затоа треба да биде принуден на поинаков начин – можеби со финансиски или некои други санкции. Премногу луѓе умираат“, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Truth Social“ по заминувањето од погребот на папата Франциск.
