Американскиот претседател Џо Бајден изјави во средата, по нападот со возило врз луѓе во Њу Орлеанс, дека САД нема да толерираат напади врз сопствените граѓани, додека новоизбраниот претседател Доналд Трамп го поврза тероризмот со илегалната имиграција.
„Ништо не го оправдува насилството, какво и да е и нема да толерираме никакви напади врз населението на нашата земја“, порачал претседателот во заминување.
Трамп, од друга страна, ја поврзал илегалната имиграција со нападот со пикап во Њу Орлеанс во кој загинаа најмалку десет лица, а повеќе од 30 беа повредени.
„Кога велам дека криминалците кои доаѓаат се многу полоши од криминалците што ги имаме во нашата земја, тоа тврдење постојано го побиваат демократите и медиумите за лажни вести“ но се покажа како точно“, објавил Трамп на својата социјална мрежа „The Truth Social“.
Еден човек влета со пикап во толпата во Њу Орлеанс рано наутро во средата. Потоа излегол од возилото и отворил оган врз безбедносните сили при што повредил двајца полицајци, а била пронајдена и најмалку една експлозивна направа, пренесуваат американските медиуми.
Полицијата во тој град во државата Луизијана соопшти дека нападот не бил спречен и покрај присуството на повеќе од 300 полицајци, додавајќи дека напаѓачот ги заобиколил полициските барикади. ФБИ објави дека напаѓачот е мртов и дека се работи за тероризам.