Додека трговските партнери на Соединетите Американски Држави реагираат сè побурно на новата царинска политика на Доналд Трамп, се поставува прашањето – дали американскиот претседател е воопшто блиску до остварување на своите главни цели? Би-Би-Си обезбеди краток преглед на тоа каде се наоѓа моментално, со пет клучни амбиции.
Подобри трговски договори
Трамп со години ги обвинува странските земји дека ги искористуваат САД преку лоши трговски договори. Сега, додека 90-дневната пауза пред воведувањето на повисоки тарифи продолжува, Белата куќа тврди дека лидерите на другите земји веќе излегуваат со предлози за нови договори и трговски отстапки.
Засега, ова може да биде единствениот дел од политиката што покажува некои резултати, но сè е сè уште во фаза на преговори, а Трамп веќе двапати ги повлече најавените царини за некои земји.
Зајакнување на американската индустрија
Трамп сака да го поттикне домашното производство, но постојаните промени во царините им отежнуваат на компаниите да направат какви било долгорочни планови.
Никој не знае кои индустрии ќе бидат заштитени, а кои не, па затоа повеќето претприемачи чекаат ситуацијата да се стабилизира пред да направат големи потези или да почнат да инвестираат.
Исто така, Америка не е во можност да ги врати работните места што ги пренесе во делови од Азија бидејќи нема работна сила за да работи за толку ниски плати, а во високотехнолошкиот сектор има силна конкуренција во Кина.
Пресметка со Кина
Трговската војна со Кина веќе започна. Со години, Трамп го обвинуваше Пекинг дека ја „ограбува“ Америка преку трговија.
Иако конфликтот со Кина се чини дека му одговара политички, влегувањето во отворена трговска војна со втората најголема економија во светот, која има и сериозна воена моќ, е исклучително ризичен потег кој засега гарантира само трошоци и штета за американската економија.
Зголемување на царинските приходи
Ако Трамп остане со основните царини и дополнителните давачки за одредени производи особено кинеските приходите од царините ќе се зголемат.
Но, тие пари пристигнуваат само доколку Американците купуваат увезени производи. Ако се префокусираат на домашните алтернативи, што ги сака Трамп, тие приходи ќе се намалат, но трошоците за Американците ќе бидат значително повисоки, што ќе го урне стандардот на просечниот граѓанин.
Пониски цени за американските потрошувачи
Трамп вети дека неговите трговски политики ќе доведат до пониски цени. Но, економистите речиси едногласно се согласуваат: новите царини ќе ги зголемат цените, бидејќи увезените производи стануваат поскапи, а домашното производство не може да понуди исти количини или цени.
Досега, Трамп покажува повеќе политичка волја отколку економски резултати. Преговорите започнаа, но компаниите се збунети, потрошувачите најверојатно ќе платат повеќе, а конфликтот со Кина носи огромни ризици.
Сето ова укажува дека целите на Трамп се уште се далеку од остварување, а патот до нив е полн со неизвесност, и се поставува прашањето за целесообразноста на таквите ненадејни и импулсивни потези.