Претседателот на САД Доналд Трамп изјави дека понекогаш се случува да зажали откако ќе објави нешто на Твитер, дополнувајќу дека знае да биде импулсивен на таа социјална мрежа и оти можеби е подобро да биде повнимателен.
– Премногу често, одговори Трамп на прашањето дали понекогаш жали за своите објави, во интервјуто со Дејв Портни, основачот на порталот „Барстул спорт“.
Трамп брзо додаде дека не ги гледа неговите коментари на Интернет како проблем, туку објавите на неговите следбеници што тој понекогаш ги реобјавува.
– Речиси секогаш проблем прават ретвитовите, рече Трамп, признавајќи дека не ги проверува секогаш внимателно луѓето чии постови ги објавува на неговиот профил на Твитер.
Трамп на Твитер има 84 милиони следбеници и мрежата често ја користи за напад на своите политички противници или медиуми за кои смета дека шират лажни вести за него и неговите политики.