Претседателот на САД, Доналд Трамп не се откажува од анексијата на Гренланд, а не исклучува ниту воена интервенција, иако смета дека тоа нема да биде потребно.
Американскиот претседател Доналд Трамп сè уште не ја исклучува можноста за преземање на Гренланд со помош на воена сила, а во саботата изјави дека има обврска да обезбеди сопственост на оваа Данска територија, која одбива да стане дел од САД.
„Ќе го добиеме Гренланд. О да, сто проценти“, рече Трамп во интервју за NBC News, само еден ден откако високи претставници на неговата администрација, вклучително и потпретседателот Џеј-Ди Венс, ја посетија американската воена база на островот.
Трамп потврди дека се разговарало за анексија на Гренланд, но дека сепак верува дека за тоа нема да биде потребна воена интервенција.
„Не, никогаш не исклучувам воена сила. Но, мислам дека има добри шанси да го направиме тоа без неа“, рече Трамп. „Ние имаме обврска да го заштитиме светот. Станува збор за светскиот мир и меѓународната безбедност. И додека јас сум претседател, тоа е моја одговорност. Не, не исклучувам ништо“.
Венс ја критикуваше Данска за време на неговата посета во петокот, обвинувајќи ја земјата дека заостанала во однос на безбедноста и го оставила Гренланд отворен за инвазија од Русија и Кина. Тој ги охрабри Гренландците да се отцепат од Данска за да направат простор за САД да го преземат островот.
Тој им рече на новинарите потоа дека не сугерира промена во официјалната политика на администрацијата. Наместо тоа, тој нагласи дека Трамп верува дека воената сила нема да биде потребна за американското преземање на Гренланд.
„Ние не мислиме дека воената сила некогаш ќе биде потребна“, рече Венс во базата Питуфик.