Македонската фудбалска репрезентација ги стартуваше подготовките за двата натпревари во Лигата на Нации против селекциите на Летонија и Фарски Острови.
По вчерашниот собир и првиот тренинг изјави за медиумите дадоа напаѓачот Александар Трајковски и дефанзивецот Никола Серафимов.
Желбите и на двајцата се слични, циклусот да се заврши со две победи.
„Убаво е да се има низа на победи без примен гол. Тоа докажува дека имаме квалитет, и не само да победуваме туку и да го браниме резултатот. Се надевам дека и во овие два натпревари ќе го покажеме истото. Мислам дека ова се најважните натпревари. Верувам во нашата екипа, мора позитивно да мислиме и да го дадеме максимумот. Квалитетот не е спорен, ние веруваме во нашите способности. Но, тоа треба да го покажеме на терен. Нема подобра можност да го завршиме овој циклус со две победи пред домашната публика и да се пласираме во плеј-офот“, изјави Трајковски.
Серафимов како фудбалер од одбраната е посебно среќен што Македонија е без примен гол на три натпревари.
„Три победи по ред и тоа без примен гол звучи одлично. Јас најмногу сум среќен кога нема да примиме гол. Сигурно и останатите од одбраната. Но, тоа е резултат на тимската игра. Ни следуваат натпревари против добро познати противници против кои веќе одигравме натпревари. Противниците воопшто не се наивни, но оваа групна фаза сакаме да ја завршиме со две победи и шест бода. Ние сме професионални и без разлика во кој термин играме за Македонија секогаш го даваме максимумот“, изјави Серафимов.
Македонија натпреварот против Летонија го игра на 14 ноември, додека три дена подоцна се соочуваме со Фарски Острови. На табелата нашата селекција е првопласирана со десет бода, шест повеќе од Ерменија и Летонија и седум од Фарски Острови кои се последни во групата.