Трендафилов: Останува штрајкот на работниците најавен за 1 Мај!

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов вели дека Владата не била против зголемувањето на минималната плата, туку останатите два синдикати кои присуствувале на состанокот, нагласувајќи дека барале да се укинат одредбите на општиот колективен договор во процесот на растот на платите во јавниот секор или општиот колектив договор да се стави ад акта. Наспроти него, претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) Благоја Ралповски, оцени дека тоа што го бара ССМ е популизам, истакнувајќи дека со покачувањето на минималната плата на 30.000 денари ќе бидат опфатени само дел од вработените во државата.

Според Трендафилов, единствено ССМ на денешниот состанок ги истакнал барањата на работниците.

– Работниците во Македонија немаат толку голем проблем со Владата, колку што имаат со останатите синдикати. Единствено Сојузот на синдикати на Македонија денеска ги истакна барањата на работниците, вклучително растот на минималната плата, растот на сите останати плати, како и почитувањето на општиот колективен договор за јавниот сектор и потребата од зголемување на платите во јавниот сектор за 12,6 проценти, изјави Трендафилов.

Посочи дека во наредниот период ССМ ќе продолжи да разговара за растот на платите, нагласувајќи дека Владата не била против зголемување на минималната плата.

– Владата во овој момент не е против зголемувањето на минималната плата, а се разбира дека разговаравме и за зголемување на платите во останатиот сектор, особено за министерствата за кои ССМ и Синдикатот на УПОЗ веќе неколку недели преговарат со Владата, односно она што го бараат работниците додаток на плата за 30 проценти, рече Трендафилов.

Нагласи дека следниот период сите вработени во јавниот сектор треба да добијат зголемување на нивните плати, но, како што рече, другите два синдиката бараат укинување на одредбите на општиот колективен договор во процесот на растот на платите во јавниот сектор.

Во одговор на прашање на Инфомакс дали останува штрајкот кој ССМ го најави за 1 Мај, Трендафилов одговори дека штрајкот нема да се откаже.

Пронајдете не на следниве мрежи: