Трендафилов: Со плата под 600 евра живеат 260.000 работници

Со плата под 600 евра живеат 260.000 работници. Во текот на вчерашниот ден беше кажано дека планираат минималната плата да изнесува 500 евра до крајот на мандатот на оваа влада. Ние бараме минималната плата да се зголеми. Две години одбиваат да ја зголемат затоа што не сакаат да го вратат работничко достоинство, порача претседателот на ССМ Слободан Трендафилов од денешниот првомајски протест во Скопје.
Им се заблагодари на сите оние кои се приклучија на протестот и кои во име на сите работници бараат зголемување на платите за достоинствен живот.
– Да ви се заблагодарам за вашето присуство за тоа што ќе го одбележиме 1 Мај најдостоинствено досега во историјата на Македонија, затоа што  сакавте да бидете тука, во име на сите работници. ​Денеска, ќе видиме наши граѓани на нивните балкони, на нивните прозори, кои ќе гледаат одозгора, ќе седат во нивните удобни фотелји и ќе чекаат ние и некој како нас да се избори за нивната плата, рече Трендафилов.

За синдикатите што не дадоа поддршка на протестот, Трендафилов рече дека за жал има синдикати кои наместо да се борат за подобри работнички права преферираат да го одбележуваат Меѓународниот ден на трудот во луксуз со конференции во скапи хотели.
На првомајскиот протест, којшто како и секаде се организира по повод Меѓународниот ден на трудот, беа испратени пораки за почитување на колективните договори, недостигот на социјален дијалог во државава и за неплатената прекувремена работа.

The post Трендафилов: Со плата под 600 евра живеат 260.000 работници appeared first on Provereno.

Пронајдете не на следниве мрежи: