Тренинг за користење нокшир: Како да го одвикнете детето од пелени за една недела?

Секоја голема промена кај децата може да биде проблематична, а кога станува збор за одвикнувањето од пелени, влијае и фактот што децата емотивно се врзуваат за нив. Тоа уште повеќе ја отежнува работата.
Блогерката и авторка Кристин Копа тврди дека можеме да го одвикнеме детето од пелени за една недела, и тоа без стрес. Таа успеала во тоа, и тоа за 5 дена, без ничија помош.
Еве ги нејзините совети…
Тренинг за користење нокшир: Како да го одвикнете детето од пелени за една недела?
Првите денови…
За почеток, ставајте го детето на нокшир веднаш по будењето наутро и по враќањето дома од градинка, а истото правете го и неколку часа во текот на денот, на секои 15 минути. Оставете го детето да игра, јаде, да гледа цртани филмови, сѐ што и вообичаено прави, само на секои 15 минути ставајте го на нокшир. Кога ќе заврши, ставете му пелена и продолжете со обврските. Третиот ден веќе сосема ослободете се од пелените и повторно редовно ставајте го детето на нокшир, но без да се навраќате на пелените.
Доколку излегувате, потрудете се со себе да го понесете и нокширот и да одите на места каде што има тоалети. Секако, не заборавајте и на многу резервни гаќички и облека. Многу е важно кога ќе ја тргнете пелената, повеќе да не ја враќате во текот на денот.


Соблечете го детето
Кога сте дома, оставете го детето да шета голо, ако е топло, или пак нека носи само памучна маичка. Ако детето не носи пелени или гаќички нема ни да има каде да изврши нужда, па самото ќе побара. Затоа пак, мора да внимавате нокширот секогаш да биде во близина на детето.
Ако детето успешно заврши работа, покажете му го нокширот и кажете му „бљак“, па заедно истурете го во веце шолјата и пуштете вода.
Наградете го детето и бидете креативни
Наградите се од голема важност кога зборуваме за одвикнување од пелени. Одлучете се за некои ситници кои вашето дете многу го радуваат. Тоа може да бидат шарени налепници, „тетоважи“ на рацете или бонбончиња. Одведете го детето во продавница и купете му некоја играчка како награда за цел ден вршење нужда во нокшир, без незгоди.
Тренинг за користење нокшир: Како да го одвикнете детето од пелени за една недела?
Навивајте
Во моментот кога вашето дете ќе седне на нокшир, вие треба да станете неговиот најголем навивач. Навивајте, плескајте, танцувајте во победнички стил, смејте се гласно и гушкајте го вашето дете. Дозволете му и да ги повика баба му и дедо му за да им се пофали за својот голем успех. Потсетете ги нив дека и тие треба да му дадат некој мал подарок како награда.
Разговарајте со воспитувачките во градинка
Иако воспитувачките во градинка се одговорни за многу деца и не можат да го пазат само вашето, вие сепак треба да им го обрнете вниманието на ова прашање додека се обидувате да го тренирате дома. Тие треба да ги следат знаците кои покажуваат дека на детето му се оди во веце, а добра идеја е да спремите мали награди и да им ги дадете на воспитувачките за да можат тие да му ги дадат на вашето дете кога ќе заврши добра работа на нокшир.
Покажете му на детето како се прави тоа
Визуелното учење кај децата има многу голем ефект и затоа не се воздржувајте да му покажете на вашето дете како се користи веце шолјата.
Ограничете ги чаевите, сокчињата и млекото пред спиење
Во текот на одвикнувањето од пелени, немојте да му давате на детето да пие нешто најмалку еден час пред спиење, а тоа значи дека вечерата можеби ќе треба да му ја дадете подоцна, за да не бара уште нешто пред спиење.


Имајте на ум дека ноќното одвикнување од пелени не треба да оди во пакет со дневното бидејќи тоа би било премногу за детето одеднаш. Но, затоа е важно детето сабајле да се буди со сува пелена.
Тренинг за користење нокшир: Како да го одвикнете детето од пелени за една недела?
Читајте му приказни на оваа тема
Постојат разни сликовници на оваа тема кои можат да ви помогнат во процесот на одвикнување од пелени. Вие читајте му, а тоа нека ги гледа сликите. Глумете со гласот и обидете се да му го претставите овој процес на одвикнување на најзабавен можен начин.
Кога да почнете со одвикнување од пелени?
Многу стручњаци велат дека децата помали од 18 месеци не се психички спремни да се откажат од носењето пелени, а кај момчињата тоа важи дури и за некој месец подоцна.
Повеќето родители почнуваат со одвикнувањето помеѓу втората и третата година, но не постои генерално правило кога точно треба да се почне. Постои можност вашето дете да сака да ги остави пелените само ако добро му објасните што се бара од него, но најважно е да не го присилувате да користи нокшир доколку сѐ уште не се чувствува спремно.
Некои родители ги седнуваат децата на нокшир уште пред да наполнат една година, но тоа според експертите е сосема погрешно. Децата помлади од две години не можат да контролираат кога да мочкаат и какаат затоа што мускулот кој ги контролира бешиката и ректумот се развива помеѓу 18 месеци и 2 години. Затоа, најправилно е да почекате детето да покаже знаци дека е спремно. Ако се обидете прерано, шансите за незгоди се многу поголеми, а процесот на одвикнување ќе трае многу подолго.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.