Третолигашот Сaарбрикен ја елиминираше и Борусија Менхенгладбах



Фудбалерите на Саарбрикен, кои и оваа сезона се натпреваруваат во третата германска лига, приредија нова сензација во годинашните натпревари за националниот куп, во четвртфиналето ја совладаа Борусија од Менхенгладбах со 2:1.

Пред пласманот во полуфиналето и уште една голема победа, Саарбрикен, моментно деветтата екипа во третата лига, во второто коло го победи минхенски Баерн, а во осминафиналето Ајнтрахт од Франкфурт.

Воведните два гола во ова четвртфинале беа постигнати на самиот почеток од натпреварот. Во осмата минута гостите поведоа со голот на Хак, но само три минути подоцна израмни Наифи. Немаше голови до 93. минута, кога домашните изведоа секавичен противнапад, а Бруенке погоди за 2:1 и големо славје на домашните навивачи.

Претходно учество во полуфиналето изборија Баер од Леверкузен, убедливо водечкиот тим во Бундеслигата сезонава и два второлигаши – Кајзерслаутерн и Фортуна од Дизелдорф.

Во полуфиналето, исто така во еден натпревар, Баер на 3 април ќе ја пречека Фортуна, додека Саарбрикен на 2 април ќе гостува кај Кајзерслаутерн.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: