Кандидатите за претседател со набиена агенда и за време на викендот
Продолжува предизборната кампања за претседателските избори со презентација на програмите на кандидатите на митинзи, дебати и средби со граѓани.
Изборниот карван на кандидатот на Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ, Стево Пендаровски, денеска ќе ги посети општините Македонски Брод и Кичево.
Кандидатката за претседател поддржана од Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова ќе ја презентира програмата пред граѓаните на Демир Капија, Неготино и Кавадарци.
Бујар Османи, кандидатот за претседател на Европскиот фронт,во Тетово (хотел НБ), ќе учествува на дебатата насловена „Задржување на младите во земјава“.
Карванот на кaндидатот за претседател на Движењето ЗНАМ-За наша Македонија, Максим Димитриевски, денеска ќе ги посети и ќе има средби со граѓаните на општините Валандово, Богданци, Дојран, а агендата ќе ја заокружи со обраќање пред жителите на Гевгелија.
Изборниот штаб на кандидатката за претседател од Левица, Билјана Ванковска најавува дека ќе бидат остварени средби со граѓани во Прилеп, Демир Хисар.
Претседателскиот кандидат на Коалицијата „Вреди“ Арбен Таравари и носителот на пратеничката листа во Првата изборна единица од коалицијата Изет Меџити ќе учествуваат на одбележувањето на Меѓународниот ден на спортот во Градскиот парк во Скопје.
Изборниот карван на Гордана Силјановска – Давкова, претседателскиот кандидат на коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја заокружи синоќешната кампања со митинг во Ресен.
Оттаму, Силјановска – Давкова порача дека во името на правдата, етиката и моралот, претседателот на државата потребно е понекогаш да се одважи и да посегне по кочницата наречена помилување.
„Тоа ќе го направам и честопати го споменувам, особено кога ги имам на ум обвинетите од 27 април“,
кажа Силјановска – Давкова.
Aктуелниот шеф на државата и кандидат за нов мандат на СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски синоќа на митинг во Штип истакна дека порача претседателскиот кандидат поддржан од СДСМ, е помеѓу оние кои ги штитат државните интереси и оние другите кои го саботираат напредокот на земјата.
„Дали е можно овие исти луѓе да водат поинаква политика ако бидат на власт. Не мора воопшто да нагаѓаме каква ќе биде нивната политика, затоа што знаеме многу добро што се случуваше во нивните 11 години. Таканаречените ‘патриоти’ не беа способни 11 години да направат попис, да се преброиме, да видиме колку сме и на крај од чисти македонски позиции ги повикаа граѓаните на бојкот, поради што 130 илјади македонци не се попишаа во земјата а кој знае уште колку во дијаспората“,
изјави Пендаровски од своето обраќање на митингот во Штип.
Повеќе на темa претседателски избори 2024: