Триесетдневен притвор за поранешниот градоначалник на Демир Капија

Како што соопшти Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Судот му определени 30-дневен притвор на екс градоначалникот на општина Демир Капија, Трајче Димитриев, заради злоупотреба на службената положба и овластувањето. Димитриев и уште три лица се под истрага кога Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против нив под сомнение дека со незаконски дејства сториле кривични дела со кои им е предизвикана штета на буџетот на Општината и на буџетот на Р. Македонија во износ од 15.456.106 денари.
“Имено, првоосомничениот во својство на извршен орган на Општината, потпомогнат од второ и третоосомничените и поттикнат од четвртоосомниченото лице во периодот од 2013 до 2017 година, ја злоупотребил својата службена положба и овластување на начин што со четвртоосомниченото лице склучил договор за продажба на објект – реконструирана стара училишна зграда и земјиште во сосопственост на Општина Демир Капија за износ десет пати помал од реалната пазарна цена. При продажбата не е земена предвид претходно инвестираната реконструкција на објектот со средства од договорот за грант од Инструментот за претпристапна помош на ЕУ наменет за Република Македонија. На тој начин четвртоосомниченото лице стекнало противправна имотна корист на штета на буџетот на Општина Демир Капија“, соопштија од Обвинителството.
Покрај тоа првоосомничениот екс градоначалник во текот на 2017. година без надомест ја отстапил фондацијата, чиј основач била Општина Демир Капија, на близок роднина, со што му овозможил да стекне противправна имотна корист на штета на буџетот на Општината во износ од 4.208.922 денара. Според информациите од Обвинителството, со преземените дејства осомничените го оштетиле буџетот на Р. Македонија во вкупен износ од 5.021.000 денари и буџетот на Општина Демир Капија во износ од 10.434.569 денари.
Основниот суд Скопје 1 – Скопје по предлог на надлежен јавен обвинител,  на првите тројца осомничени им определи мерка притвор во траење од 30 дена, а за четвртоосомниченото лице му е определена мерка куќен притвор, информираат од Обвинителството.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.