Трите сестри кои го убија таткото злоставувач излегуваат од затвор? Заврши случајот кој ја крена Русија на нозе

Руските сестри Качатуријан, кои се обвинети за убиство на својот татко, наскоро би можеле да добијат намалена казна поради “потребна одбрана”, рекол нивниот адвокат Алексеј Паршин, што би можело да доведе и до крај на кривичниот прогон.

Вечерта на 27-ми јули 2018-та година, Михаил Качатуријан една по една во својата соба ги повикал Кристина, Ангелина и Марија. Ги нападнал бидејќи не го исчистиле станот правилно, а потоа во очите ги прскал со солзавец.

Истата вечер, откако заспал, тинејџерките влегле во неговата соба и го нападнале со нож, чекан и солзавец. Обдукцијата покажала дека му задале смртоносни повреди на главата, градите и вратот. Имал вкупно 30 убодни рани.

Трите сестри потоа веднаш повикале полиција, која ги уапсила на лице место, а истрагата набрзо покажала дека таткото последните три месеци ги мачел, држел во заробеништво и сексуално ги злоставувал.

Повеќе од 350.000 луѓе потпишале петиција во која барале правда за сестрите, а тоа довело и до нов закон во борбата против семејното насилство, кој би требало да стапи на сила оваа година.

Активистите тврделе дека сестрите се жртви, а не злосторници, бидејќи немале како да побараат помош и заштита од својот татко. Девојките имале 17,18 и 19 години во моментот на убиството и им се закануваат 20 години затвор.

Паршин рекол дека обвинителите заземале став дека убиството е извршено во самоодбрана и дека инспекторите тоа мора да го прифатат.“Се надевам дека после тоа, случајот проти девојките ќе биде заклучен. Мислам дека ова ќе трае уште еден или два месеци” рекол тој, пишува BBC.

Извор: ДОКАЗ

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.