По зголемувањето на царинските такси од 100 насто за српски производи, Рамуш Харадинај денес по владината седница ќе воведе уште три потешки мерки против Србија. Цитирајќи го приштинскиот аналитичар Фатмир Шехоли белградскиот весник „Блиц“ пишува дека едната е забрана за употреба на динарот на косовска територија. Втората мерка, која Шехоли ја очекува од Харадинај, е државните симболи на Косово да се постават во секоја општина, а третата е воведување мерки за сопствениците на автомобили кои не се регистрирани во Косово согласно правилата на властите во Приштина.
Повикувајќи се на неименувани извори од косовските институции приштинскиот весник „Газета експрес“ пишува дека првата мерка се однесува на автомобилите со српски регистарски таблички, чии сопственици кога ќе бидат на косовска територија ќе треба да стават времени таблички. Втората мерка би била забрана за увоз на стоки произведени во Србија, кои досега не плаќале такса од 100 насто. Тие би се замениле со приоизводи увезени од фабриките во Македонија и Унгарија и други земји од ЕУ, информира изворот на „Газета експрес“. Третата мерка е одлука на косовската Влада да не ги признава српските документи, кои се однесуваат, на пример, на квалитетот на производите.
За весникот „Блиц“ српскиот економист Љубодраг Савиќ изјави дека „ситуацијата возачите да имаат на своите автомобили двојни таблички, едни за една држава, други за друга, е неверојатна за 21. век“.
Србија би можела да воведе контрамерки и целосно да го спречи влезот на автомобили од Косово на нејзина територија , со што би му причинила значителна штета, бидејќи повеќето камиони кон ЕУ се движат преку Србија.
Игор Симиќ, пратеник на Српска листа, изјави дека било која од новите мерки што ги подготвува Приштина ќе претставува опасност за опстанокот на косовските Срби. Тој ја повика меѓународната заедница итно да реагира и да спречи „евентуална хуманитарна катастрофа со огромни последици“.