Тројно зголемен бројот на лицата од Кочани во домашна изолација, две кривични пријави за законско прекршување

Бројот на лицата од Кочани кои се наоѓаат во домашна изолација поради коронавирусот се искачи на 94, што претставува тројно зголемување за период од 48 часа.
Според известувањето од Општинскиот штаб за заштита и спасување, против две лица веќе се поднесени и кривични пријави по членот 206 од Кривичниот законик за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, односно тие не ги почитувале одредбите за самоизолација.


– Најголем број од лицата кои се во домашна изолација претходно престојувале во некоја од државите со среден и висок ризик. Повеќето од нив се придржуваат до законските одредби за домашна изолација, но останува апелот за сите да не го доведуваат во ризик здравјето на останатите граѓани и да останат дома. За секое лице кое влегло во државата се добиваат податоци од граничните премини и ќе се контролира дали ги почитува законските одредби за изолација, истакнаа од Кризниот штаб на Општина Кочани.
Иако четврток е пазарен ден Градскиот пазар во Кочани денеска не работи, а екипи од комуналното претпријатие „Вододовод“ со поддршка од Територијалната противпожарна единица прават дезинфекција на јавните површини и на местата за одлагање на отпадот.
Мобилниот сервис за домашна посета, во соработка со волонтери од Црвениот крст и од општинските служби за социјална и здравствена заштита, на списокот досега има 34 семејства со болни, стари и изнемоштени лица на кои им е обезбедена поддршка во набавката за храна и лекови.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.