Скaндалозни злоупотреби во јавното здравство излегуваат на површина. Актуелни и поранешни директори на здравствени установи биле принудени да вратат вкупно 1,5 милиони денари (над 25.000 евра) во државната каса, откако било утврдено дека незаконски си префрлале пари на сопствените сметки. Според информациите, докторите си запишувале поголем број работни часови од реално одработените, со што вештачки ги пумпале своите месечни примања.
Директори под лупа на ФЗО Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, потврди дека овие средства се веќе вратени во буџетите на установите каде што работат инволвираните лица. Иако Клековски не ги откри идентитетите на докторите, тој прецизираше дека станува збор за лица кои извршувале или се уште извршуваат директорски функции.
„Наша континуирана активност се медицинската и финансиската контрола. Овие наоди ги комуницираме со Министерството за здравство, Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија. Во три случаи, актуелни или поранешни директори веќе ги имаат вратено погрешно пресметаните приходи“, изјави Клековски.
Плати од 10.000 евра и најава за кривична одговорност Овој случај надоврзува на претходните откритија на министерот за здравство, Азир Алиу, кој ја шокираше јавноста со информацијата дека поединечни лекари во јавното здравство земале енормно високи плати. Во одредени месеци, сумите достигнувале и до 700.000 денари (над 10.000 евра). Министерот Алиу не ја исклучува можноста за кривична одговорност за сите кои го оштетиле здравствениот систем. Нови мерки за контрола: Отпечаток од прст за крај на хаосот За да се стави крај на ваквите манипулации со работните часови и дежурствата, Министерството најавува воведување на систем за евиденција со отпечаток од прст. Оваа мерка треба да овозможи:
Прецизна контрола на присуството на работното место;
Оневозможување на фиктивно запишување прекувремени часови;
Транспарентност при трошењето на јавните пари наменети за плати.



