Основното јавно обвинителство во Гевгелија издаде Наредба за започнување истражна постапка против две лица, за кои се претпоставува дека делувале заедно во извршување на кривично дело – Неовластено производство и трговија со наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, согласно член 215, став 1 од Кривичниот законик. По претходна согласност, на 17 март, тие во автомобил „волксваген голф“ со скопски регистарски таблици, превезувале амфетамин, психотропна супстанција, од Скопје до Гевгелија, со тежина од 1.491 грама. Амфетаминот требало да го предадат на трето лице, кое сè уште е во бегство, за награда од 300 евра. Дрогата била сместена во три пластични пакувања и сокриена под хаубата на автомобилот, земена од локација во Аеродром. Со нив патувала и девојката на второосомничениот, против која е покрената постапка за – Непријавување кривично дело или сторител, согласно член 364, став 2 од Кривичниот законик. На патот кон Гевгелија, каде што требало да го предадат амфетаминот, биле запрени од полицијата пред наплатната рампа во близина на селото Смоквица. Благодарение на претходна оперативна информација, беше издадена судска наредба и извршен претрес на возилото, при што беше пронајдена психотропната супстанција. Јавниот обвинител побара од Основниот суд во Гевгелија да одреди мерка притвор за двајцата осомничени.
The post Тројца обвинети за нелегален транспорт на амфетамин од Скопје до Гевгелија завршуваат во притвор appeared first on 365.mk.