Трпам закани години наназад, имав и физички напад



Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска вели дека првично не сакала да ја оптеретува ниту јавноста, ниту органите на прогон, но дека конечно се решила да ги пријави заканите кон неа бидејќи како што рече „се случувале речиси секој втор или трет ден“.

– Ова се закани што ги пријавив, но јас трпам закани неколку години наназад. И, така речено, нема недела да помине, а да немам некоја закана. Имав и физички напад. Бев физички нападната, но никогаш претходно не пријавував, сметав дека се работи за изолирани случаи, изјави Кацарска, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Уставниот суд за нејзиниот тригодишен мандат.

Прашана дали има некаква разврска во однос на заканите упатени кон неа, Кацарска рече дека до денеска нема никаква информација за тоа.

–  Дали ќе продолжат тие закани или не, јас не би можела да кажам. До денеска не, немам. Она што беше пријавено како прв настан немам никаква информација, а за тој што лично ми се закануваше мене, тој беше приведен во полициска станица. До каде е постапката и што се случува понатаму, не би можела да одговорам, рече Кацарска.

На 14 мај годинава во полициска станица пријавила евентуално загрозување на сигурноста откако на нејзиното приватно паркинг место во близина на нејзиното живеалиште во подземна гаража на зграда во Центар пронајдени се импровизиран кревет и кујнски нож.

Како што соопшти тогаш на прес-конференција портпаролката на Уставен суд Христина Беловска, оставаат на надлежните да утврдат дали се работи за закани или случајност. Во однос на заканите, таа дополни дека имало повеќе непријатности во континуитет.

На 18 мај, во близина на ТЦ „Рамстор“ во центарот на Скопје непознато лице вербално и се заканувало на претседателката на Уставниот суд по што интервенирало нејзиното обезбедување.

– Полициски службеници од Полициската станица Центар денеска во 14:00 часот го лишиле од слобода В.П.Г. (57) од Богданци, постапувајќи по претходна пријава дека во угостителски објект во трговски центар на подрачјето на Центар во Скопје упатил закани кон Д.К.(67) од Скопје со зборовите „ќе одговараш, страшно ќе одговараш”. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 144 од Кривичниот законик, соопшти тогаш МВР.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: