„Им кажавме на меѓународната заедница и на Обединетите нации дека можат да испратат хуманитарна помош преку два премини под наша контрола…“
Туркије понуди да отвори два гранични премини со Сирија за меѓународната заедница да може да испрати хуманитарна помош во северните региони на земјата погодени од земјотресот, изјави турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.
„Им кажавме на меѓународната заедница и на Обединетите нации дека можат да испратат хуманитарна помош преку два премини под наша контрола. Рековме дека можеме да ги отвориме овие премини за хуманитарна помош“, рече Чавушоглу за време на заедничката прес-конференција со неговата либиска колешка Наџла ал-Манѓуш во главниот град Анкара.
Чавушоглу мислеше на двата гранични премини во јужната област Килис.
„Не доаѓа предвид Туркије да ги отвори граничните премини на места [во Сирија] контролирани од ПКК и ЈПГ“, истакна Чавушоглу.
Тој ги негираше наводите дека има прилив на бегалци од Сирија во Туркије по силните земјотреси од минатиот понеделник.
„Туркије може да го отвори својот воздушен простор доколку Белгија или други европски земји сакаат да ги однесат сириските бегалци во нивните земји“, додаде тој.
Шефот на турската дипломатија информираше дека добиле пораки за поддршка и солидарност од многу земји.
„Добивме пораки за поддршка и солидарност од многу земји. 99 земји и 16 меѓународни организации и понудија помош на Туркије. Персонал од околу 9.401 лице од 79 земји вршат операции за пребарување и спасување“, рече Чавушоглу.
Најмалку 31.643 луѓе загинаа во земјотресите што ја погодија јужна Туркије на 6 февруари, според најновите официјални податоци.
Земјотресите со магнитуда од 7,7 и 7,6 степени, со центар во областа Кахраманмараш, погодија повеќе од 13 милиони луѓе во 10 области, Хатај, Газиантеп, Адијаман, Малатија, Адана, Дијарбакир, Килис, Османије и Шанлиурфа.
Во соседна Сирија, бројот на загинати се искачи над 3.500, а повеќе од 5.200 луѓе се повредени.
Пронајдете не на следниве мрежи: