Турција ја доби својата првата централа за концентрирана соларна енергија во близина на градот Мерсин во Јужна Турција, покрај Средоземното Море, кој се наоѓа во едниот од главните соларни појаси на светот.
Системот, како што јави дописникот на Макфакс, се состои од 50 метарска кула за фокусирање на соларната енергија со што се постигнуваат високи температури, претставува пионерски зафат по дизајнот и високата ефективност и на светскиот пазар и е еден од најефикасните методи за конверзија на соларната во електрична енергија.
Се работи за лесен транспортен систем кој се состои од хибридни компоненти и кој може да се употребува долгорочно со ниски трошоци на одржување.
Главниот носител на проектот, инженерот Сердар Ертуран, подвлекува дека системот е лесно вклоплив и во погони на природен гас, на кој начин централата може да користи комбинирано сончева енергија кога е тоа можно и природен гас во останатите периоди.
Проектот во висина од 50 милиони долари вклучувајќи ги и седумгодишните истражувања се финансирани од страна на турската фирма „Гринвеј”, Институтот за научни и технолошки истражувања на Турција (ТУБИТАК) и Фондацијата за развој на технологијата на Турција (ТТГВ).
Единствената технологија на централата, лего тип на дизајн овозможува лесна инсталација и употреба на природни ресурси, а капацитетот од 50 мегавати е еквивалентен на енергетските потреби на 1.500 домаќинства.
Енергетски централи од ваков тип постојат во Шпанија, Израел и САД, но турската централа се одликува со најнова технологија и е прва во светот со безжичен комуникациски систем и лего тип дизајн кој овозможува лесен трансфер и инсталација.
Централата функционира на принцип од 510 ротирачки рефлектора-хелиостати, кои од разни агли ги следат сончевите зраци во текот на денот. Сончевите зраци се рефлектираат на специјално дизајниран рисивер сместен во кулата, преку што се овозможува добивање на супер-загреана пареа и се постигнува висок притисок, а потоа пареата се претвора во електрична енергија.
Ертуран истакнува дека целта во наредниот периор е новата технологија која овозможува чиста и обновлива енергија со ниски трошоци да се лансира на домашен и странски пазар и да се стане еден од конкурентните фирми на светскиот пазар во наредните десетина години.
Овие централи имаат можности да бидат конструирани со различни капацитети од 10, 20 и 50 МВ, а рецепторите и парните генератори можат да им бдат дизајнирани по различни параметри за температури помеѓу 300-500 степени Ц.
Турција ја доби својата првата централа за концентрирана соларна енергија во близина на градот Мерсин во Јужна Турција