МВР и Обвинителството уапсиле 9 лица, а по две се уште трагаат, откако го урнале и отуѓиле историскиот хотел „Шар Ан“ во Скопската чаршија, за потоа да се обидат да го узурпираат просторот. Осомничените во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд – Скопје.
Станува збор за неовластено тргување со културно наследство, во кое има дела на економски криминал, а вовлечени се и лица од Агенцијата за катастар на недвижнини и од Акционерското друштво за стопансиување со станбен и деловен простор.
Лицата се теретат за повеќе дела, а според полициските информации, запленети се голем број на докази. Петмина се уапсени за злоупотреба на службената должност и овластување. Според Обвинителството, направена е штета од 3 милиони евра.
„Во периодот од месец октомври и ноември 2022 година четворица припадници на групата како градежни работници без да поседуваат документација за дозволеност за преземање на дејствија за рушење, употребувајќи механизација извршиле противправно уништување на автентичниот објект Хотел „Шар Ан“. Во исто време двајца од организаторите и еден припадник на групата во својство на службени лица чија службена должност е преземање на мерки за заштита на недвижните културни наследства, иако знаеле за насилното уништување на автентичниот објект Хотел „Шар Ан“, дозволиле негово целосно уништување и не презеле ниту едно дејствие со кое ќе го запрат или спречат незаконското рушење на објектот од културно наследство.
Второосомничениот како еден од организаторите на групата во текот на целиот период на рушење бил запознаен и се согласил со преземањето на противзаконските дејствија, од кои требало да оствари директна корист. Тој, до Агенцијата за катастар на недвижности поднел пријава за запишување на промена од т.19 – бришење на срушен објект, па кон пријавата приложил Изјава за правна заинтересираност за купопродажба на катастарска парцела и Геодетски елаборат. Геодетскиот елаборат бил изработен од правно лице сопственост на сопруга на еден од осомничените – поранешен заменик директор на Агенцијата за катастар на недвижности на кој му биле познати законските постапки за вршење на упис и промени во катастарската евиденција и кој презел низа дејствија давајќи конкретни насоки и обезбедувајќи услови за извршување на промената во катастарската евиденција.
Припадникот на групата во својство на службено лице пречекорувајќи ги границите на своите службени овластувања презел службено дејствие и спровел постапка за упис на промена на културата на КП од градежно изградено во градежно неизградено земјиште, без постоење на правен основ за вршење на промена и без да обезбеди стручен наод од правната служба на АКН. Воедно, ги избришал податоците од графата за право на стопанисување со недвижноста во корист на АДССДП овозможувајќи му на второосомничениот да го искористи наводниот правен интерес за купопродажба на предметната парцела на која се наоѓал уништениот објект – културно наследство од непроценлива вредност за РСМ и со чие насилно уништување е предизвикана штета на државата во износ од значителна вредност од 180.000.000,00 денари“, гласи дел од информацијата на Обвинителството.
Старата скопска чаршија е споменична целина прогласена за културно наследство од особено значење и во тој дел од градот не смее ништо да се чепка. За објектите во рамките на чаршијата кои припаѓаат на целината прогласена за културно наследство може да се овозможи само реставрација со обезбедени заштитно конзерваторски услови, но не и рушење и уништување.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.