„Убијци, уште малку па затвореници“ – Со свирежи и викање граѓаните на Нови Сад ги избркаа активистите на Вучиќ

Жителите на Нови Сад, кои спонтано се собраа во градот, успеаја да ги избркаат активистите на Српската напредна странка кои таму поставија штанд.

Откако СНС денеска околу 10 часот ги постави своите штандови и звучници од кои се емитуваше музика пред „Лимански пазар“, многу брзо на истото место спонтано се собраа голем број луѓе од Нови Сад и направија огромна врева со свирежи и вувузели за, како што ни рекоа, да им покажат што мислат за нив.

Граѓаните извикуваа „убијци, убијци“ и „пумпај“ и држеа транспаренти „Уште малку, па затвореник“ и „Рацете ви се крвави“.

Насобраните граѓани на новинарот на N1 му рекоа дека штандовите на СНС ги гледаат како провокација, бидејќи предизборната кампања не е во тек. Активистите за штандот на СНС, пак, за Н1 изјавија дека дошле на пазарот да разговараат со граѓаните и да ја поддржат нивната партија, но дека граѓаните не сакаат да разговараат со нив.
Граѓаните кои протестираа точно во 11:52 часот се префрлија на блиската крстоница за да им оддадат почит 16 минути со молчење на жртвите од падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад. Токму за време на молкот, активистите на СНС ги спакуваа своите тезги и звучници и го напуштија пазарот.

Алекса Бјелобрк, еден од граѓаните кои учествуваа на протестот против СНС, за Н1 изјави дека на активистите на владејачката партија им порачале дека не се добредојдени, дека никој не ги сака и дека нема место тука.

Потсети дека не се води предизборна кампања, а СНС втор, трет викенд по ред поставува штандови. Оттаму, делувањето на СНС го гледа како „чиста провокација на граѓаните кои не ја поддржуваат нивната политика“.

Пронајдете не на следниве мрежи: