Министерката за одбрана Славјанка Петровска e уверена во исправноста на одлуката за набавката на осумте хеликоптери од италијанската компанија „Леонардо“ и верува во стручност на тимот што ја донел таквата одлука. Петровска истакна дека својот потпис го ставила бидејќи верува во луѓето кои го спроведуваат овој процес.
„Апсолутно немам дилеми. Јас знам дека некои структури во Република Северна Македонија овој процес на модернизација го гледаат како закана кон себе, а не кон државата. Напротив, не се сложувам дека ова е непотребно трошење пари. Затоа што минатиот период беа поставувани многу прашања, за тоа до каде сме со набавката и на хеликоптери и на дронови. Знаете како многу е лесно да обвинувате или да излегувате со теории на заговор. Јас реков, бев и во Собранието и на брифинг со новинарите во Скопје, ако има било каков сомнеж за корупциски скандал, јас сум апсолутно подготвена да се соочам со тоа, ако има било какви докази, а јас сум уверена дека нема докази, бидејќи верувам во исправноста на одлуката, која што интегрираниот проектен тим ја донесе“,
рече Петровска.
Таа додаде дека неколку компании доставиле понуди и смета дека е непрофесионално да се обвинуваат професионалците на Армијата за било каков корупциски скандал.
„Што се однесува конкретно за компанијата имајте предвид дека склучивме и договор Влада со Влада, обвинување кон било која компанија значи обвинување и кон Владата на Република Италија дека е дел од корупциски скандал. Мислам дека тоа дипломатски е недозволиво“,
рече Петровска.
Прашана зошто оваа компанија е избрана за набавка на хеликоптерите и кои спецификации се понудени од нивна страна, Петровска со одговор дека понудата на комапанијата „Леонардо“ е избрана од страна на интегрираниот проектен тим кој, како што вели, е составен од експерти и стручњаци, професионалци од оваа област на воздухоплоството, кои се дел од македонската Армија, а и знаат најдобро како треба да се развиваат капацитетите на Армијата.
„Тие направија една голема методологија и затоа овој процес траеше многу долг временски период и не се заврши за еден или два месеци. Беа евалуирани повеќе понуди, кои беа пристигнати од различни производители. Некои од нив за жал не ги задоволуваа во целост оперативните побарувања, не можат да одговорат на она што беше побарување од страна на македонската Армија, од тие причини беа и во понатамошните постапки елеменирани. Оваа понуда од нивна страна беше сугерирана како најповолна“,
рече Петровска.
Новиот капацитет и хеликоптерите ќе бидат дел од воздухопловниот ВИНГ во воената база во Петровец. Петровска посочи дека постапката е почната од 2019 година, а ќе чини околу 230 милиони евра. Средствата се обезбедени од буџетот за оваа година.
Министерката Петровска денеска присуствуваше во Штип на одбележувањето на четиригодишнинатата од влегувањето на Македонија во НАТО и 75 години НАТО Алијанса.