Австриската полиција денеска соопшти дека покренала истрага против 17 лица, главно малолетни, од кои некои се државјани на Србија, поради сомнение дека во текот на неколку месеци сексуално злоставувале 12-годишно девојче.
Дванаесет осомничени се малолетници на возраст над 14 години, едно лице има 19 години, двајца се помлади од 14 години и не се кривично одговорни во Австрија, додека идентитетот на другите двајца осомничени не е познат, изјави Флоријан Финда од австриската полиција.
Меѓу осомничените има државјани на Австрија, Турција, Сирија, Италија, Бугарија и Србија, пренесува АП.
Тие се осомничени за тешка сексуална злоупотреба на малолетно лице и порнографско прикажување на малолетно лице, прецизира Финда.
Се сомнева дека злоупотребата се случила во периодот од февруари до јуни 2023 година во гаражи, станови на осомничените и на други локации во Виена, како и дека во едниот случај било употребено насилство, а во другите жртвата била вербално принудена на сексуален однос, велат инспекторите.
Жртвата и нејзината мајка го пријавиле случајот кај властите во октомври, според АП.
По опсежните истраги, во четвртокот беа сослушани 13 осомничени на возраст од 14 или повеќе години, некои ги признаа делата, други негираа, а еден беше уапсен поради давање отпор на полицијата.
Инспекторите сè уште го испитуваат материјалот од нивните мобилни телефони.