Украина почнала да користи американско оружје за напади врз цели во Русија, вели американски сенатор

Оружјето е користено според неодамна одобрените насоки на претседателот Џо Бајден, дозволувајќи им на украинските сили американското оружје да се користи за напад во Русија со ограничена цел за одбрана на Харков, вториот по големина град во Украина

Украина употребила американско оружје за да нападне цели во Русија во изминатите денови, пренесува Асошиејтед прес повикувајќи се на неименувани извори – американски сенатор и западен функционер.

Оружјето е користено според неодамна одобрените насоки на претседателот Џо Бајден, дозволувајќи им на украинските силе американското оружје да се користи за напад во Русија со ограничена цел за одбрана на Харков, вториот по големина град во Украина.

Функционерот, како што пренесува Асошиејтед прес, не бил овластен јавно да коментира за чувствителната работа и зборувал под услов да остане анонимен. Републиканскиот сенатор Мајк Раунд од Јужна Дакота, член на Комитетот за вооружени служби на Сенатот, ги потврди нападите со американско оружје, но не кажа како бил информиран.

Директивата на Бајден дозволува оружјето испорачано од САД да се користи за удар на руските сили кои напаѓаат или се подготвуваат за напад. Сепак, тие директиви на Бајден не ја менуваат американската политика која ја насочува Украина да не користи ракети со голем дострел и друга муниција за офанзивно да напаѓа цели во Русија. 

Украинските власти бараат од САД да им дозволат на силите на Киев да се бранат од напади кои доаѓаат од руска територија. Харков е на само 20 километри од руската граница и е под засилен руски напад.

Портпаролот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, вчера изјави за новинарите дека не може да потврди оти Украина користела американско оружје за да гаѓа цели на руска територија.

„Едноставно не сме во позиција да знаеме од ден на ден точно на што пукаат Украинците“,

рече Кирби.

САД ѝ дозволија на Украина да користи американско оружје за да напаѓа цели во Русија, но само во близина на границата со областа околу украинскиот град Харков.

Одлуката на Бајден уследи по повиците на американските сојузници во Европа, вклучително и Обединетото Кралство, Германија и Франција, како и генералниот секретар на НАТО, Украина да може да користи оружје обезбедено од Западот против воени цели во Русија. Белата куќа беше под притисок и од поддржувачите на Украина во двете партии во Конгресот.

Пронајдете не на следниве мрежи: