Министерот за одбрана на Хрватска, Иван Анушиќ, и германскиот министер за одбрана Борис Писториус треба денес во Берлин да потпишат писмо за намера за купувањето на нови тенкови за потребите на оружените сили на Хрватска.
Сојузна Република Германија ја повикала Хрватска да се придружи на германската програма за заедничка набавка на главни борбени тенкови леопард 2А8, што ќе биде истакнато во писмото.
Според достапните информации, подготвен е целосниот план за набавката. Во согласност со него, Хрватска во првата испорака ќе ѝ испрати на Украина 30 тенкови М-84 и 30 борбени пешадиски возила М-80. Германија потоа ќе ја искомпензира Хрватска за тие возила, со што ќе се намали вкупната цена на новите тенкови леопард 2.
Хрватската војска во моментов во својот состав има околу 70 тенкови М-84, а според изјавите на изворите, тие се во добра состојба и редовно се одржуваат. Точната вредност на набавката, како и временската рамка, не се познати, пишува Јутарњи лист.