УПОЗ бара 7-часовен работен ден и уште два неработни дена во годината

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на (УПОЗ) ќе поднесе до Владата на Република Македонија иницијатива за воведување на седумчасовен работен ден и прогласување на 2-ри јануари и 2-ри мај за неработни денови.
На денешната прес-конференција претседателот на УПОЗ, Пецо Грујовски рече дека е време Македонија да се приклучи на европските трендови и во новиот Закон за работни односи, кој е во фаза на изработка, да се утврди седумчасовен работен ден, односно 35-часовна работна недела.
– Со седумчасовното работно време ќе се врши подобра распределба на трудот. Со намалување на работното време за 10,2 проценти од секој работник, теоретски ќе доведе до потреба од ангажирање на дополнителен број работници. Од социјален аспект нашето барање го аргументираме со тоа што ќе се зголемат можностите за грижа кон семејството и рекреација, изјави Грујовски.
Што се однесува до иницијативата за измена на Законот за празници, Грујовски нагласи дека до 2007.  година 2-ри јануари беше неработен ден кога и се укина. Оваа година со одлука на Владата повторно се прогласи како неработен и реакциите се позитивни и кај вработените во администрацијата и во стопанството. Бидејќи, како што наведе тој, во овој период од годината работните процеси се сведени на минимум како во јавниот, така и приватниот сектор, па предлагаат 2-ри јануари повторно да биде прогласен за празник. Истото се однесува и на одбележувањето на Меѓународниот ден на трудот, односно за неработен ден да се прогласи и 2-ри мај.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.