Употреба на акустични уреди од страна на полицијата

Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, на прес-конференција објави дека полицијата располага со таканаречени акустични уреди кои служат за предупредување при масовни собири со голем број луѓе на големо растојание. Вакви уреди биле монтирани на полициски возила пред српскиот парламент за време на протестот во Белград на 15 март. Дачиќ ги негираше обвинувањата дека станува збор за звучни топови насочени кон демонстрантите. Според него, овие уреди воопшто не биле употребени за време на протестот, а за да ги убеди новинарите, по прес-конференцијата ги поведе во дворот на полициската зграда за да го покажат возилото на кое бил поставен уредот.
“Станува збор за акустични уреди кои се достапни на слободниот пазар. Друга опција е тоа за што зборуваат, што е строго забрането и никогаш не се користи. Како што можеа да се уверат, на веб-страницата на ‘Генесис’ се наведува дека 100 земји поседуваат LRAD-уреди. Овие се употребуваат во 100 држави, а во САД во 550 градови”, изјави Дачиќ. Припадниците на одредот на новосадската жандармерија, чие возило со LRAD уред беше фотографирано пред парламентот, ја демонстрираа функцијата на овие уреди и пуштија порака што, според Дачиќ, била однапред снимена како предупредување до демонстрантите да се разотидат, но вели дека оваа порака не била пуштена за време на протестот.
“Ова е вселенска технологија. Нашиот кадар не е обучен за неа, ниту знае што да прави. Корисна е за нашите единици кои одржуваат јавен ред, но никогаш не била употребена”, додаде Дачиќ. Претходно, на прес-конференција, пратеничката во опозициската Партија на слободата и правдата, Мариника Тепиќ, изјави дека Министерството за внатрешни работи на Србија набавило седум LRAD 450XL уреди како психолошко и физичко оружје против граѓаните на улица. Таа презентираше документ во кој се наведува дека МВР планира набавка на 16 звучни топови од два типа – седум 450 XL и девет 100. Тепиќ исто така објави фотографии од уредите поставени на полициските возила за време на протестот.
Партијата на слободата и правдата поднесе кривична пријава против српскиот претседател Александар Вучиќ и други одговорни лица за наводно вршење политички терор и прекршување на човековите права. Српскиот премиер Милош Вучевиќ информира дека Владата испратила барање до ФБИ и Руската служба за безбедност (ФСБ) да се истражи дали бил употребен звучен топ за време на протестот на 15 март. Ова барање беше испратено во соработка со српскиот претседател Вучиќ, преку Министерството за надворешни работи и дипломатските претставништва во Вашингтон и Москва. “Повикавме две од најреномираните безбедносни служби, ова е прашање за експерти и мора детално да се истражи”, истакна Вучевиќ.
The post Употреба на акустични уреди од страна на полицијата appeared first on 365.mk.

Пронајдете не на следниве мрежи: