Судот го прифати барањето на тужителот да се изврши увид во избирачкиот материјал на ИМ 1194 во Крушево, при што констатираше дека искористени се вкупно 359 гласачки ливчиња, а неискористени се 110 од кои три се откинати од кочанот, но уредно поништени. Во избирачкиот список потпишани се 354 лица и 2 со отпечаток од прст. Во посебен избирачки извод од девет лица, гласале две. Во белешките е наведено дека едно лице гласало со решение од ДИК по поднесен приговор дека го нема во избирачкиот список, но тоа за него беше наведено дека нема посебен образец кој се пополнува дека гласал во ваков случај
Една од седумте тужби на коалицијата „Европски фронт“ за решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од коалицијата „Твоја Македонија“ за избирачкото место 1194 во Општина Крушево на парламентарните избори е неоснована, одлучи денеска Управниот суд.
Како што е предвидено во Изборниот законик, доколку одлуката за прегласување во тоа избирачко место влијае на конечните изборни резултати, ДИК треба да спроведе повторно гласање на 14. ден од парламентарните избори, односно на 22 мај.
Според застапникот на тужителот, коалицијата „Европски фронт“, Ејуп Рустеми, се оспорува решението на ДИК за прифаќање на приговорот за поништувње на гласањето на ИМ 1194 на Коалицијата „Твоја Македонија”.
„Решението на ДИК е нејасно. Сумираниот износ на искористени гласачки ливчиња е нејасно како ДИК дошле до збирот од 377 гласачи, без притоа да се земе предвид бројот од 359 потпишани гласачи во избирачкиот список. Бројот од 17 болни и изнемоштени не треба да се додава во дел 4 од записникот, бидејќи тие се веќе вброени во статистичкиот податок и се добива дупла бројка. Според Изборниот законик погрешно пополнување на записник не е основ за поништување на гласањето“,
изјави Рустеми.
Катерина Василевска, претставник од ДИК рече дека остануваат на наводите од решението и одговорт на тужбата и предлагаат таа да се одбие како неоснована. Според неа, ДИК постапила во законскиот рој и донела одлука, зашто како што посочи, по увидот во целосниот изборен материјал ДИК утврдила дека бројот на идентификувани гласачи не се совпаѓа со бројот на потпишани гласачи во избирачкиот список и не соодветствува со бројот на искористени гласачки ливчиња на гласачкото место.
Судот го прифати барањето на тужителот да се изврши увид во избирачкиот материјал на ИМ 1194 во Крушево, при што констатираше дека искористени се вкупно 359 гласачки ливчиња, а неискористени се 110 од кои три се откинати од кочанот, но уредно поништени. Во избирачкиот список потпишани се 354 лица и 2 со отпечаток од прст. Во посебен избирачки извод од девет лица, гласале две. Во белешките е наведено дека едно лице гласало со решение од ДИК по поднесен приговор дека го нема во избирачкиот список, но тоа за него беше наведено дека нема посебен образец кој се пополнува дека гласал во ваков случај.
Коалицијата „Европски фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на парламентарните избори 2024. За сите се оформени предмети и закажани во текот на денешниот ден.
ДИК на 104 седница ги разгледа приговорите поднесени од политичките партии по одржувањето на парламентарните избори на 8 мај. Од вкупно 27 поднесени приговори – девет од коалицијата „Влен“, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица, прифатени беа седум и тоа шест во петтата изборна единица и еден во шестата изборна единица.
Во Изборната единица 5 прифатени беа приговорите за избирачките места 1272 во Охрид, 1194 и 1202 во Крушево, 1844 во Струга, 1470 и 1470/1 во Долнени.
Во Изборната единица 6 прифатен е еден приговор за избирачкото место 2101 во Желино.