„Едната пресуда се однесува на одлука со која беше поништено решение со кое се откажува договорот за вработување на работник во МВР на позиција комантир на ПО Ропотово, додека другата пресуда е за акт со кој до Советот на општината Демири Хисар од моја страна е доставена листа на кандидати за избор на командир согласно Законот за внатрешни работи“, вели техничкиот министер за внатрешни работи
Управниот суд поништи уште две незаконски одлуки на Владата со кои беа поништени решенија донесени од моја страна. Ова денеска на својот фејсбук-профил го објави Панче Тошковски, министерот за внатрешни работи во техничката Влада, повикувајќи се на одлуките кои Владата на почетокот на овој месец ги поништи, а се поврзани со кадровски прераспределби во одредени полициски станици, донесени по негово барање.
„Едната пресуда се однесува на одлука со која беше поништено решение со кое се откажува договорот за вработување на работник во МВР на позиција комантир на ПО Ропотово, додека другата пресуда е за акт со кој до Советот на општината Демири Хисар од моја страна е доставена листа на кандидати за избор на командир согласно Законот за внатрешни работи“,
вели Тошковски.
Според него, Управниот суд со пресудите и овој пат утврди дека за тоа дали предметните решенија уредуваат правни, финасиски или кадровски прашања поврзани со организација на изборите, единствено надлежна да одлучува е Државната изборна комисија, а не Владата.
„Со донесените пресуди Управниот суд уште еднаш го потврди фактот дека сите решенија донесени од моја страна се во согласност со позитивните законски прописи, а Владата со нивното поништување постапила спротивно на законот за Влада“,
напиша тој.
Владата на почетокот на месецот на седница поништи пет наредби за кадровски прераспределувања и распоредувања во подрачни сектори на Министерството за внатрешни работи (МВР) и во Бирото за јавна безбедност, бидејќи биле со едностран потпис, односно биле потпишани само од техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски.
Оттаму посочија дека ваквата одлука произлегува од Законот за Влада на Република Северна Македонија, заради организирање на избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.
Тогаш Тошковски изјави дека Владината одлука, со која биле поништени наредбите за кадровски прераспределувања и распоредувања во подрачни сектори на Министерството за внатрешни работи (МВР) и во Бирото за јавна безбедност донесени од моја страна, е скандалозна и спротивна на законите.
„Со нивното поништување, исто така се влијае на работата на министерството на највисоко ниво, кое во претстојниот период треба да биде гарант за спроведување на мирен и демократски изборен процес“,
рече тогаш Тошковски.